ОБНОВЕНО: ТАТКОТО НА ВАСИЛ НЕ СЕ ПОЈАВИ НА СУДЕЊЕТО: Зоран се товари за предизвикување општа опасност
Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, момчето кое ја прегази Фросина Кулакова не се појави на рочиштето кое требаше да се одржи денес во Кривичниот суд во Скопје.
Судијката Снежана Марковска, која претходно судеше и во предметот против неговиот син, информираше дека досега испратила две покани до адресата на Јованов а кои се вратиле како неуредни.
Судот се обратил и до Министерството за внатрешни работи за потврда на адресата, но одговор не добиле. Зоран Јованов доби обвинение дека му дал автомобил на неговиот син, аико Васил немал положено возачки испит.
„Ги искористивме сите законски механизми предвидени во вакви случаи,“ рече судијката. Дури и поканата до неговиот адвокат Сашко Дуковски се вратила без потврда дека е примена од обвинетиот.
Зоран Јованов се товари за кривично дело „предизвикување општа опасност“. Според обвинението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, тој во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година му дозволувал на својот син – кој немал возачка дозвола и имал историја на сообраќајни прекршоци и кривични дела – да управува патничко моторно возило.
„Со своето општоопасно дејствие, тој предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, лекомислено сметајќи дека нема да настапат штетни последици“, се наведува во соопштението од обвинителството.
Таткото му дозволувал на синот да управува со возилото „Пежо 207“, иако бил свесен дека синот нема возачка дозвола и претходно веќе сторил: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици (ноември 2022), 11 сообраќајни прекршоци (возење без дозвола, под дејство на алкохол, непочитување семафори и пешачки премини) во 2023 и 2024 година, како и тешка сообраќајна несреќа со смртни последици на 29 јануари 2025 година.
На 13 мај годинава, судот му изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов, кој ја призна вината за несреќата во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. Дополнително, му беше изречена и забрана за управување моторно возило во траење од пет години и парична казна.
Како олеснителни околности беа земени признанието и каењето, а како отежнителни – сериозноста на делото, претходна затворска казна за трговија со дрога и историја на повеќе прекршоци во сообраќајот.
