Денес е Меѓународен ден на детето - Ги знаеме и ги почитуваме ли правата на децата?
На 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето, не славиме само насмевки, игра и безгрижно детство, туку се потсетуваме и на нешто многу поважно – правата на секое дете.
Секое дете има право на љубов, безбедност, образование, здравствена заштита, игра, слободно изразување и живот без насилство и дискриминација. Овие права се гарантирани со Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации, која е најшироко прифатениот документ за човекови права во светот.
Но, колку навистина ги знаеме и ги почитуваме детските права во секојдневието?
Дали ги слушаме децата кога зборуваат?
Дали им дозволуваме да растат без страв, притисок и осуда?
Дали секое дете има еднаква шанса за среќно и достоинствено детство?
Конвенцијата јасно укажува дека секое дете заслужува заштита, грижа и можност да го достигне својот целосен потенцијал – без разлика на полот, потеклото, јазикот, здравствената состојба или социјалниот статус.
Детските права не се привилегија. Тие се обврска на сите нас – родители, наставници, институции и општество.
Неопходно е да создадеме свет во кој секое дете ќе биде слушнато, почитувано и безбедно.
Ова е особено важно ако се земе предвид дека во последните неколку месеци бевме сведоци на случаи на булинг и врсничко насилство од кои остана згрозена целата македонска јавност. Случаи во кои деца повредувале деца и им ги погазувале основните детски права, а ние возрасните се чини дека реагираме доцна, тогаш кога ситуацијата ќе ескалира.
Претходно Женски Магазин објави неколку статии и разговори со стручни лица со кои се обидивме да алармираме и да упатиме апел до јавноста за поголема грижа за децата и за почитување на нивните права.
Амела Мемиш Апостоловска како психолог и како мајка на две деца кои се соочувале со булинг, во изјава за Женски Магазин, ја нагласи токму таа немост во општеството, кое според неа не е превентивно, туку реактивно општество.
„Врсничкото насилство во Македонија не е само крик на жртвата, туку и грозоморна тишина на набљудувачите. Кога едно дете е малтретирано, а цел клас снима со телефони, ние не зборуваме за детска игра, туку за морална дегенерација во живо.
Тие деца кои снимаат и се смеат се нашите деца, воспитани во нашите домови.
Насилството не почнува со тупаница, почнува со аплаузот на публиката. Ние сме реактивно, а не превентивно општество.
Како психолог кој постојано алармира, ова го чувствувам како удирање во ѕид. Чекаме нешто да ескалира до степен на монструозност (како случајот во Ѓорче) за да се „разбудиме“ на неколку дена, а потоа повторно се враќаме во колективната летаргија“ – вели таа.
Во насока на ова оди и објавата на Министерството за образование и наука дека ќе следуваат казни за родителите на децата насилници, но и за родителите кои одбиваат да соработуваат со наставниците и стручните служби.
М-р психолог/психотерапевт Розалија Секулоска во повеќе наврати зборуваше за овој проблем, па нагласи:
„Врсничкото насилство не е изолиран инцидент, туку сложен психолошки и социолошки феномен што ја рефлектира длабочината на односите во кои растат децата. Како психотерапевт, го гледам не како „лошо однесување“, туку како сигнал за внатрешна дисрегулација и научени модели на моќ“ – вели Секулоска.
Ваквите примери само потврдуваат дека деновите како 1-ви јуни, кога се слави детето и неговите права треба прво да размислиме за тоа каде одиме како општество и каде грешиме. Дали како општество сме способни да го обезбедиме првото и најважно од детските права, а тоа е дека ниту едно дете не смее да биде дискриминарано поради бојата на кожата, полот, јазикот, религијата, мислењето, потеклото, богатството, инвалидноста или припадноста на етничка група.
РЖМ