Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Денарските депозити достигна 55 отсто, а долгорочните 33,5 проценти од вкупните депозити на домаќинствата“: Арнаудова - Стојановска за штедењето во Македонија

„Денарските депозити достигна 55 отсто, а долгорочните 33,5 проценти од вкупните депозити на домаќинствата“: Арнаудова - Стојановска за штедењето во Македонија

Заштедите на домаќинствата во домашниот банкарски систем се покажаа како стабилна и отпорна база дури и во услови на зголемена неизвесност и повеќекратни економски шокови во последните години. 

Ова го истакна советничката на гувернерот на Народната банка,  Милица Арнаудова-Стојановска во интервју за емисијата „Бизнис објектив“, на ТВ „Телма“, при што посочи дека во изминатиот период се бележи засилен раст на денарските и на долгорочните депозити, што е поврзано со стабилизирањето на очекувањата на граѓаните, зголемените приноси од штедењето, особено на долг рок и во домашна валута, како и со мерките преземени од Народната банка за поддршка на процесот на денаризација и поттикнување на долгорочното штедење.

- Во декември 2025 година, вкупните депозити на домаќинствата достигнаа 445 милијарди денари, што претставува годишен пораст од 12%. Во однос на периодот од пандемијата наваму, заштедите на граѓаните се зголемени за над 50%, што ја потврдува довербата во банкарскиот систем и неговата отпорност - нагласи Арнаудова-Стојановска.

Потоа дополни дека заштедите на граѓаните имаат континуиран раст. 

- Во изминатите години, денарските и долгорочните депозити на домаќинствата растат со двоцифрени стапки, при што учеството на денарските депозити достигна 55%, а на долгорочните 33,5% од вкупните депозити на домаќинствата, наспроти 47,8% и 25,1%, соодветно, во декември 2022 година. 

Овие показатели потврдуваат дека банкарските депозити и понатаму се најзначајниот и најсигурен облик на штедење за домаќинствата, придонесувајќи за стабилноста на финансискиот систем и за поддршка на вкупната економска активност - истакна Арнаудова-Стојановска.

Според последните расположливи податоци за 2024 година, банкарските депозити и натаму се главниот облик на штедење кај домаќинствата во земјава. Во структурата на финансискиот имот на домаќинствата, депозитите кај банките учествуваат со околу 60%, по што следуваат средствата во приватните пензиски фондови со околу 25%. Овие движења се во согласност со трендовите забележани во повеќе земји од регионот и од Европската Унија.

Арнаудова-Стојановска нагласи дека Народната банка и натаму ќе спроведува политики насочени кон одржување на финансиската стабилност и создавање поволни услови за поттикнување на штедењето кај граѓаните.

Слично

Поврзани вести