Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ден на одлуки за најмоќните позиции: Ќе се изберат директори на УБК и БЈБ!

Ден на одлуки за најмоќните позиции: Ќе се изберат директори на УБК и БЈБ!

Денеска владата на седница ќе одлучува за кадровските решенија на најважните места во Министерството за внатрешни работи. Ќе се избираат наследниците на директорот на Управата за контраразузнавање, Владимир Атанасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Кој е изборот на министерот Оливер Спасовски на овие две позиции нема информации. Нивните имиња се кријат до последен момент. Ставот на премиерот Зоран Заев е дека таму треба да дојде професионалец од службата.

„Потребни се сериозни реформи во МВР. Има разидување околу тоа дали таму треба да седне човек од експертската фела или пак да биде политичка фигура. Сепак, мојот личен став е дека ова важна институција треба да биде професионална и независна, па според тоа тука решението треба да биде од редот на професионалци во службата“, рече премиерот Заев.

Единствено досега како шпекулација проструи името на Лазе Велковски како можен кандидат за челната позиција во УБК. Велковски долги години е во МВР, а во време кога Спасовски беше „пржински“ министер, тој беше назначен од него за началник на СВР Скопје.

Од кадровските смени во МВР засега е извесно и останувањето на претходниот министер, Агим Нухиу, кого ДУИ го предложи да му биде заменик на Спасовски. Неизвесно е и кој ќе биде државен секретар во МВР.

Атанасовски во УБК дојде во септември минатата година од директорската позиција во Управата за финансиско разузнавање, а ќе остане запаметен по историското „отвори, отвори“ на специјалната обвинителка Катица Јанева, на која не и дозволуваше да влезе во тајната полиција и да земе податоци од системите за прислушување.

Атанасовски беше третиот директор на УБК за време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. 9 години неприкосновен на таа позиција беше братучедот на екс премиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кој во мај 2015 си поднесе оставка. На негово место дојде Љупчо Андоновски, кој претходно беше началник на Одделението за  безбедност и контраразузнавање.

Со разрешувањето на Атанасовски ќе заврши ерата на вмровското управување со УБК.

Името на Митко Чавков долго ќе се памети. Тој како шеф на Оперативниот штаб е посочен како главен виновник за насилните протести во Собранието на 27. Април, а работната група која ја испитува одговорноста на вработените во МВР бара Јавното обвинителство да покрене истрага за улогата на Чавков.

УБК во препораките од Прибе

Две години по објавувањето на извештајот на Рајнхард Прибе, германскиот експерт на крајот од месецов повторно ќе дојде во Македонија за да ѝ помогне на новата влада да ги имплементира Итните реформски приоритети кои што произлегоа од неговиот извештај. Меѓу нив е и следењето на комуникациите. Во препораките пишува:

– На Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) треба да ѝ се одземе посредничката улога, со цел да нема нејзино мешање во независноста на другите надлежни органи кога се работи за следење на комуникациите (полиција, Царинска управа и финансиска полиција).

– УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал.

– Во врска со содржината на прислушувањето, истрагите за кривични дела треба да бидат сериозно разгледани, без двоумење и страв, на неселективен начин, при што приоритет треба да бидат оние со најсериозни злоупотреби.

– Парламентарните комисии за безбедност и контраразузнавање и за надзор на мерките за следење треба да се состанат веднаш и да се среќаваат редовно (со учество на сите партии избрани во Парламентот), со цел да се обезбеди парламентарна одговорност.

Ј.М.

Слично

Поврзани вести