Демократски сојуз побара да се укине производството на канабис во Македонија
Коалициониот партнер од власта, Демократски сојуз, побара во Собранието да се направат законски измени со кои ќе се укине производството на канабис за медицински цели.
Ваквата реакција следува откако МВР заплени 27 тони канабис во кругот на ОХИС во Скопје и во Струмица, како и запленетите 5 тони во Србија со потекло од Македонија.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели. Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
Од таму побаараа и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, како и тоа кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис.
„Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен. Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства
кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се
спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија.
Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски
промени“, соопштуваат од Демократски сојуз.
