Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДЕМАНТ ОД АДВОКАТОТ НА УЧЕСНИК ВО ПОСТАПКАТА ПРЕД СУДСКИ СОВЕТ НА ТЕКСТОВИ НА ФАКТОР: Ја загрозувате тајноста на постапката

ДЕМАНТ ОД АДВОКАТОТ НА УЧЕСНИК ВО ПОСТАПКАТА ПРЕД СУДСКИ СОВЕТ НА ТЕКСТОВИ НА ФАКТОР: Ја загрозувате тајноста на постапката

До редакцијата на Фактор стигна реакција и демант на објавени текстови во врска со случајот со судскиот процес меѓу „Телеком“ и компанијата „Фокус нет“, а реакцијата е од учесник во постапката пред Судски совет.

Реакцијата и демантот ги пренесуваме во целост.

Во својство на полномошник на учесник во постапка за која пишувате на Вашиот портал во текстовите со наслов „Извештајот на Судскиот совет за начинот на кој било судено во случајот на Телеком во завршна фаза – на јавна седница ќе се разгледуваат предлог-мерките за судијката известител“ од 03.02.2025 година и  „Обвинителството работи на истрагата за случајот на Телеком, на потег се судиите од Судскиот совет“ од 07.02.2025 година, кои текстови се очигледно нарачани и на само за Вас познат начин платени, барам да ја објавите следната реакција и демант:

1.  Во наведените текстови објавувате податоци за постапка која е од таен карактер и на јавноста и правите достапни информации за постапка кои им се познати само на учесниците во истата. Начинот на кој го користите вашиот медиум, читај - злоупотребување, претставува кривично дело казниво по член 360 од КЗ, исто како што претставува кривично казниво по член 369 од КЗ за тој кој Ви ја дал информацијата. Должни сте на јавноста и на надлежни органи да им соопштите од каде Ви се информациите од таен карактер содржани во Вашите текстови, во спротивно ќе бидете одговорни и за помагање на тој што спротивно на закон ви ги соопштил информациите од таен карактер.

2. Во Вашиот текст „Извештајот на Судскиот совет за начинот на кој било судено во случајот на Телеком во завршна фаза – на јавна седница ќе се разгледуваат предлог-мерките за судијката известител“ од 03.02.2025 година објавувате податоци за тек на постапка, ја информирате јавноста дека Вие знаете во која фаза е постапката и дека се чека извештај од комисијата и со тоа вршите притисок врз членовите на Судскиот Совет, а притоа ја злоупотребувате актуелната тема во јавноста за несреќен случај, добро познат на читателите, покажувајќи ја сета бездушност и желба да заработите на туѓа несреќа.

3. Во текстот „Извештајот на Судскиот совет за начинот на кој било судено во случајот на Телеком во завршна фаза – на јавна седница ќе се разгледуваат предлог-мерките за судијката известител“ од 03.02.2025 година користите женски род за функцијата судија, со упатување и на својството во советот - известител, кои информации директно навлегуваат во доменот на личните права на учесникот во постапката, за кого тајноста е загарантирана со закон, кое правило важи за сите, освен за вас како платен медиум да врши притисок!

4. Во Вашиот текст „Обвинителството работи на истрагата за случајот на Телеком, на потег се судиите од Судскиот совет“ од 07.02.2025 година објавувате невистини, непроверени информации, лажно информирајќи ја јавноста. Не е точно дека во постапката пред РСС  е утврдено дека постојат фалсификувани записници. Тоа е само ваша измислица со цел да вршите притисок врз членовите на Судскиот Совет и на тој начин да влијаете врз нивната непристрасност. Само Ваша е констатацијата дека во Извештајот на работната група на РСС се констатирани незаконитости, напротив тој извештај не содржи никакви заклучоци на Судскиот Совет на Република Северна Македонија ниту пак утврдува дека некој сторил повреда на постапката. Не е точно дека нашиот ЗПП не дозволува преиначување на пресуда без одржување на јавна расправа, тоа е предвидено во член 361 став 4 од ЗПП. Не е точно дека договорот бил раскинат поради неплатени сметки, тоа е констатација на Вашиот нарачател Македонски Телеком АД Скопје, напротив постои правосилна и конечна судска одлука со која неспорно е утврдено дека Македонски Телеком АД Скопје ја злоупотребил монополската положба и тоа прашање не може да има поинаков третман во предметната судска постапка. Не е точно дека Апелациониот суд сам се демантирал во однос на овој судски предмет, напротив Апелациониот суд објавил информација за јавноста, а подоцна дал појаснување дека тоа е став на судсчкиот совет кој одлучувал по предметот. Соопштенијата на интернет порталот на Апелациониот суд ги објавува овластено лице, а не судиите, што значи дека и двата текста се објавени од страна на овластено лице на судот, при што втората објава не претставува демант на првата објава, како што Вие сакате да прикажете. Сметам дека со објавата на овие два текста наведени погоре ја злоупотребувате слободата на говорот и објавувате нарачани текстови, кои се далеку од новинарската етика а уште подалеку од истражувачко новинарство.

5. Во текстот „Обвинителството работи на истрагата за случајот на Телеком, на потег се судиите од Судскиот совет“ од 07.02.2025 година повторно ја именувате судијката известител, како лице кое треба да биде казнето, надвор од новинарската етика се ставате во улога на судија, осудувајќи некој кој не го познавате ниту пак сте ја слушнале нивната вистина. Крајно непрофесионално.

Може да се повикате дека објавувате информации за да ја запознаете јавноста за случаи од јавен интерес, но во овој случај постои само приватен интерес на Македонски Телеком кој сигурно на некој начин платил за објавата на овие два текста и сигурно изворот на информации доаѓа оттаму, освен ако не докажете дека е поинаку. Можете да барате милион изговори за причините поради кои ги објавивте овие два текста, но ниедна не е оправдание да ја загрозите тајноста на постапката и да го нарушите личниот интегритет на судијата учесник во постапката. Секако дека за Вашите постапки ќе сносите одговорност, кога за тоа ќе дојде време, а до тогаш очекувам во најмала рака воздржаност од Ваша страна до крајот на постапката со оглед дека продолжувањето со објавување на информации од таен карактер ја зголемува Вашата кривична одговорност!

Со Почит

Адвокат Ѓорге Поп-Кочев

Слично

Поврзани вести