Демант на текст на „Фактор“: Правосилно е утврдено дека АД Д-р Пановски нема сторено прекршок
АД „Д-р Пановски“ Скопје постапува исклучиво и единствено во согласност со позитивните законски прописи. Ние сме дел од од македонската фармацевтска дејност веќе 29 години и ќе продолжиме како и досега во нашето деловно работење да ги имплементираме највисоките европски и светски стандарди.
Посочениот текст објавен од Ваша страна содржи штетни, нецелосни и невистинити околности кои имаат тенденција да создадат погрешен впечаток во јавноста за корпоративниот углед на АД „Д-р Пановски“ Скопје. Единствено точно е дека постоеше постапка за испитување дали во две отворени постапки за јавни набавка на Министерството за здравство од 2016 година е евентуално загрозена деловната конкуренција, и во истата со правосилна Пресуда на Управниот Суд е утврдено дека АД „Д-р Пановски“ Скопје нема сторено никаков прекршок.
Земајќи предвид дека ние сме претставници на реномирани странски фармацевтски компании во Северна Македонија, застапуваме производители на лекови за најтешките пациенти кои се лекуваат во јавното здравство, имаме обврска да го заштитиме нашиот корпоративен углед. Веруваме дека сите медиуми се водат од принципот за објективно, точно и непристрасно информирање на јавноста и затоа жалиме што сме принудени да реагираме на ваков начин за да спречиме да ни се причини поголема нематеријална и материјална штета. Уредништвото на Вашиот ценет медиум треба да земе предвид со какво влијание на јавното мислење располага и правилно да го проценува негативниот ефект од ваков спектакуларен наслов и текст за кој воопшто не е побаран став од непосредно засегнатата страна пред истиот да биде објавен.
Се надеваме дека нашите адвокатски тимови нема да бидат доведени во ситуација на крајна нужда и преку правосудна постапка да го заштитуваме корпоративниот углед на АД „Д-р Пановски. Затоа бараме овој демант веднаш да се објави од Ваша страна со соодветно извинување за извршениот превид.
