Демант од ФИТР за објавениот текст: „Фирма што набавувала јаглен за АД ЕСМ доби грант од Фондот за иновации“
Фондот за иновации и технолошки развој - ФИТР, демантира текст кој е објавен на порталот Фактор на 24 ноември оваа година, нагласувајќи дека станува збор за неточна информација.
Фактор подолу во целост го објавува демантот од Фондот за иновации и технолошки развој.
На ден 24.11.2023 година, во електронското издание на
Фактор e објавена вест со наслов ”Фирма што набавувала
јаглен за АД ЕСМ доби грант од Фондот за иновации“.
Со оглед дека Вашата вест претставува невистина и истата создала повреда на честа и угледот на нашата установа БАРАМЕ од Вас согласно чл. 12 и 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета извинување и јавно повлекување на дезинформацијата која што беше пласирана од Вашиот медиум, како и тоа демантот да биде објавен на исто место и време и во ист обем како и пласираната дезинформација.
Имено, одговорно тврдиме дека објавената вест е со невистинита содржина, односно дека правниот субјект Квантум Солушнс за коj тврдите дека добил неповратен грант во висинаoд 40.000 евра од Фондот за иновации и технолошки развој, не само што нема добиено никаков грант, туку истиот воопшто не бил учесник на повиците кои ги има објавено ФИТР.
На веб страната на Фондот за иновации и технолошки развој https://fitr.mk/%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%b5%d0%bd-%d0%ba%d0%be%d0%bd%d0%ba%d1%83%d1%80%d1%81-%d0%bf%d0%be-%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%be%d0%b2%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d0%be%d1%81%d1%82%d0%b0%d0%bf%d0%ba%d0%b0-%d0%b7%d0%b0-%d0%ba/
е објавена листата на учесници кои добиле грант од ФИТР, при што, еден од добитниците на грантови е и ПРОЕКТНИОТ ТИМ Квантум Солушнс.
Би сакле да напоменеме дека согласно Правилникот, на наведениот повик, во член 2 е наведено декаво наведениот повик е овозможено учество и на правни, но и на физички лица.
Имено, согласно член 2 точка 1 од Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф донесен на 13.04.2021год.,, „Апликант“ значи трговско друштво или тим од физички лица кој до Фондот има поднесено предлог проект на отворен јавен конкурс за доделување средства согласно овој Инструмент. Доколку како апликант се јавува тим од физички лица бројот на лицата во тимот може да биде максимум до пет (5) физички лица и во случај предлог проектот да ја помине фазата на селекција, тимот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 отсто од членовите на тимот..
Доколку се погледне листата на учесници кои имаат добиено грант од ФИТР, неспорно може да се утврди дека воопшто не станува збор за истиот правен субјект кој го имате наведено во вашиот напис, односно дека, сосема случајно проектниот тим (група на физички лица) кој има освоено грант на наведениот повик “Стартапувај 5” има ист назив со фирмата која ја споменувате.
Вашите наводи ги демантираме како целосно невистинити и апсурдни. Вашата изјава предизвикува нарушување на честа, угледот и достоинството на Фондот за иновации и технолошки развој.
Следствено на наведеното, а во насока на ублажување на штетата настаната врз честа, угледот, достоинството, името, авторитетот и другите права, по приемот на ова барање очекуваме во предвидениот рок согласно чл.12 и чл.13 одЗаконот за граѓанска одговорност за клевета и навреда да излезете со соодветна изјава за извинување и јавно повлекување на погоренаведениот текст.
Во врска со овој демант, Фактор јавно го објавува, и приотоа сакаме да појасниме дека со овој текст имаме направено ненамерна грешка, токму поради поистоветувањето на името на компанијата „Квантум солушнс“ и ПРОЕКТНИОТ ТИМ Квантум Солушнс, кои се два сосема различни деловни ентитети. При објавувањето на овој текст сме направиле пропуст токму поради сличноста на имињата, но не станува збор за некаква намера од наша страна.
Фактор му се извинува на Фондот за иновации и технолошки развој, на компанијата „Квантум солушнс“, на ПРОЕКТНИОТ ТИМ Квантум Солушнс, како и на нашите читатели, за направената ненамерна грешка со објавувањето на овој текст.
