Делегација на Владата положи цвеќе на гробот на Киро Глигоров
Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател на нашата земја Киро Глигоров, во алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Денеска се навршуваат 9 години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, кој имаше исклучителна улога во процесот на политичкото осамостојување на земјата и нејзиното меѓународно признавање.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години во својот дом во Скопје. Тој е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
Слично
