Дел од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ до ДИК се за повикот да се пречкртува „Северна“ од ливчињата
ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција објави дека еден дел од приговорите што го поднела партијата до Државната изборна комисија по одржувањето на предвремените парламентарни избори е за повикот на јавни личности од провиненцијата на СДСМ до приврзаниците на најголемата опозициска партија да го пречкртаат поимот „Северна“ на гласачките ливчиња со намера во позадина потоа истото ливче да биде прогласено за неважечко.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека токму ваквата, како што велат тие, манипулација, на крајот резултирала со околу 30.000 неважечки ливчиња.
„Државната изборна комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификати, вклучително и рачното да се пребројување гласачките ливчиња, затоа што не смее да има црна дамка на процесот при ваков масовен поткуп и фалсификат.
Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30.000 несвојствени за ваква излезност на еден изборен процес. Да потсетам уште еднаш, дека функционери на СДСМ и нивни експоненти јавно водеа кампања да се шкртаат ливчиња, претставувајќи го како повик на ВМРО-ДПМНЕ, што е кривично дело во изборен процес“, рече портпаролот Димче Арсовски во денешното обраќање пред медиумите.
Тој додава дека приговорите се поднесени во два, како што вели, многу важни сегменти од изборите, а ќе се пдонесуваат до завшувањето на рокот кој истекува доцна попладне.
„Имено се уште трае рокот за поднесување на приговори. Генерално ние поднесуваме приговори во два многу важни дела, едниот рачно да се пребројат сите гласачки ливчиња, што е многу важно граѓаните да се уверат каква е нивната волја, како гласале, и вториот дел е да уште еднаш апелираме на оној дел каде што експоненти, функционери на СДСМ, јавно водеа кампања за прешкртување на гласачките ливчиња се со цел тоа да го претстават како повик на ВМРО-ДПМНЕ, се со цел тие подоцна бидат неважечки. Така да се уште трае рокот, но ова се два дела во кои што се однесуваат нашите приговори и кои што се најважни да се потврди волјата на граѓаните онака како што гласале, а не онака како што некој сака да изгледа“, додаде Арсовски.