Дел од пожарите сепак биле подметнати, приведени се 17 лица
Полицијата приведе 17 лица за пожарите кои се случија изминатиов период во Македонија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на својот Фејсбук профил напиша дека дел од пожарите се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе.
„Досега МВР има приведено 17 лица, повикани во полициска станица се 16 лица, имаме поднесено три кривични пријави и две прекршочни. Се уште се работи на добар дел од овие случаи и штом ќе заврши со целата постапка ќе се поднесат соодветни поднесоци“, напиша Спасовски.

Постапката се води во координација со Јавен обвинител и од таму се добиваат насоките во однос на квалификација на кривичното дело. Пожари имаше во Кочани, во близина на Пехчево, Делчево, Берово, Старо Нагоричане, Свети Николе и други локации во државата. Дождот кој вчера паѓаше на неколку места низ државата ја стабилизираше состојбата со пожарите.
