Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дел од Македонците ќе ја дочекаат Новата година на егзотични дестинации

Дел од Македонците ќе ја дочекаат Новата година на егзотични дестинации

Иако Македонија е една од најсиромашните земји во регионот, и пошироко ако се споредат платите, сепак во туристичките агенции веќе има уплати за дочек на Нова година на егзотични и скапи дестинации.

Дел од македонските граѓани можат да си го дозволат ова скапо задоволство, кое чини по неколку илјади евра. Иако сме на почеток на декември, граѓаните со подлабок џеб веќе уплатиле за дочек на Бали, во Лапонија, Америка, Јордан и други места.

„Имаме уплати за Дубаи, и тоа чини од 700 евра па нагоре по лице, зависно од хотелот. Интерес има за Јордан, Лисабон и Лапонија. За дочек во Лапонија сумата е 1.700 евра по лице. За да се реализира една група потребни се 15 лица, но сигурно има и повеќе за дестинациите“, велат од битолска агенција.

За подалечните дестинации аранжманите траат по 7 дена.

„Има голем интерес за Португалија и за Бали. За Бали се работи за сума од околу 2.000 евра по лице. Има луѓе кои можат да си дозволат да отпатуваат на скапи дестинации, и од година во година тој број расте“, објаснуваат од скопска туристичка агенција.

Од туристичка агенција во Прилеп велат дека најголем интерес кај нив има за Њујорк, а цената е 2.700 евра по лице.

И дел од граѓаните на Кочани ќе заминат за Нова година на Бали и во Египет.

„За Нова година има интерес за Дубаи, седум ноќи, осум дена чини 969 евра по лице. Исто има интерес за Милано, Виена, Прага, Будимпешта. Оваа година многу е поголема побарувачката на аранжмани за пред и по Нова година, отколку за дочек“, вели Мери Миновска, сопственичка на туристичка агенција Мерион Травел од Куманово.

Сепак за мнозинството граѓани патувањето на далечни дестинации за празници е невозможно, од причина што живеат со ниски примања.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 22.2 %.

Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2017 година е 20%. Според најфрекфентниот статус на економска активност, стапкатата на сиромашни вработени лица е 9%, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.7 %.

Сања Атанасовска

фото Википедија

Слично

Поврзани вести