Децата во училници по гласањето на изборите: МЗ обезбедило дезинфекциони средства
Министерството за здравство вчера ја информираше Владата дека ќе бидат обезбедени потребните количини дезинфекциони средства во изборните единици за претстојните локални избори како одговор на барањето на Државната изборна комисија, беше соопштено по завршувањето на владината седница.
Ваквата информација следува по загриженоста на родителите за тоа дали постои протокол кој ќе биде спроведен по изборниот процес во училиштата и училниците каде што на изборниот ден (17 октомври) во најголем дел ќе се одвива гласањето и каде ќе има голем број на гласачи, изборни одбори и комисии, а веднаш потоа во истите училници уште рано сабајле учениците в понеделник ќе треба да посетуваат настава.
„Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на одредбите од Изборниот законик ги задолжува сите градоначалници да организираат дезинфекција на сите гласачки места во објектите за гласање. За оваа законска обврска ДИК во неколку наврати во изминатиот период писмено ги извести единиците на локалната самоуправа, со цел почитување на здравствените протоколи за спроведување на изборите, а поради заштита на здравјето на изборните органи, гласачите и учениците“, соопшти претходно ДИК.
Ден по изборите учениците и наставниците ќе започнат со настава практично за кратко време по гласањето кое завршува во 19 часот в недела, училниците се користат уште неколку часови потоа заради броење на гласовите по што ќе следува краток период за проветрување и за дезинфекција на просториите.
Министерството за здравство соопшти дека училиштата се должни да спроведат чистење и дезинфекција. Во Косово веќе се посочи можноста денот по изборите да не се одржи настава со цел да се намали ризикот од зараза од коронавирус кај учениците и наставниците.
