Економија, финансии, бизнис

Контакт

Децата во градинка ќе добиваат кило овошје секоја недела

Децата во градинка ќе добиваат кило овошје секоја недела

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денеска објави дека со новата програма усвоена вчера на владина седница, децата во градинките секоја недела ќе добиваат по еден килограм овошје.

„Оваа програма е продолжение на она што го почнавме минатата година, но сега со двојно поголем буџет. За оваа година, издвоивме 40 милиони денари, со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа, и тоа најмалку 90.000 кг кајсии, 175.500 кг праски, 168.000 кг сливи, 74.000 кг круши, 370.000 кг јаболка. Секое дете еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје, кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38.000 деца од сите градинки во државата“, изјави министерот Николовски.

Платежната агенција ќе го набавува овошјето од приватни оператори преку оглас, при што еден од условите ќе биде овошјето да им се дава на градинките спакувано во мрежички еднаш неделно до крајот на годината.

Секоја градинка ќе има можност самата да одлучи во зависност од условите дали ќе им дава втора ужинка на децата во текот на денот или, доколку немаат простор за складирање, ќе им ги даваат на родителите за дома.

„Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство, како кајсии, праски, сливи, круши и јаболка во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по еден килограм овошје неделно. Оваа програма е поддржана и претставува донација од страна на Владата Република Северна Македонија“, изјави министерката Тренчевска.


Слично

Поврзани вести