„ДЕЦАТА КОИ ПРВИ ГО СЛУШНАА ВЕТУВАЊЕТО ЗА НОВ ЛУНА ПАРК, ВЕЌЕ ПОРАСНАА“: Јакимовски за работата на Ѓорѓиевски
Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во своето гостување на „4ТВ“ упати серија забелешки за моменталното менаџирање со Скопје, тврдејќи дека главниот град е заложник на нефункционални јавни претпријатија и добро спакуван ПР кој ја прикрива реалната слика.
Според Јакимовски, погрешно е новата локална власт да се огледува на претходничката Данела Арсовска. Наместо тоа, тој смета дека вистинските мерила за успешно раководење треба да се бараат во мандатите на поранешните градоначалници како Ристо Пенов или Коце Трајановски.
Маркетинг наместо хигиена Јакимовски ја обвини локалната власт за спроведување на „чист популизам“, сличен на оној на централно ниво.
„Секој минимален зафат веднаш се сервира како големо достигнување преку реклами. Ве прашувам: дали навистина чувствувате дека Скопје е исчистено и уредено за само три дена? Реалноста е поинаква – граѓаните се жалат на запуштени површини и појава на змии низ населбите“, истакна тој.
Посебен акцент Јакимовски стави на проектот за новиот Луна парк, потсетувајќи дека ова е веќе петти мандат во кој се рециклира истото ветување.
„Децата кои први го слушнаа ветувањето за Луна парк веќе пораснаа чекајќи го тоа чудо. Ова не е никаков врвен успех, туку одамна доспеан долг кон граѓаните на цела држава, бидејќи Македонија е единствена земја без ваков центар“, вели лидерот на ГРОМ.
Јакимовски вели дека и покрај помпезните најави за воведување ред во јавните претпријатија, суштински подобрувања во локалниот сервис нема. Тој потенцираше дека граѓаните не го чувствуваат ветениот пресврт, туку се соочуваат со недостиг на работа на терен која се компензира со агресивна медиумска промоција.
