Децата и разводот
Семејството во современите текови трпи одредени промени, како резултат на низа промени во демографските, социјалните, образовните, па и економските трендови. Токму овие промени имаат силен одраз врз децата, нивното однесување и формирање на личноста. Ова беше предизвикот кој го искористивме како повод да разговараме на оваа тематика со Елизабета Петровиќ. Таа е дипломиран педагог, семеен и системски терапевт. Работи во одделенска настава. Дечиња со кои работи ја опишуваат како чувствителна, трпелива и толерантна. Секогаш наоѓа оригинален начин како да ги поттикне и развие нивните вештини. Мотиватор кој во едукацијата на децата наоѓа простор да се допре до нивното внатрешно јас, за да може да се пријде кон совладувањето на образовните техники во иднина.
Покрај искуството во одделенската настава, Петровиќ учествувала во проекти и обуки на невладиниот сектор, МОН И БРО. Таа е автор и коавтор на стручна литература. Има искуство и како обучувач за инклузивно образование на УНИЦЕФ.
Фактор: Елизабета Петровиќ, вие сте педагог, а покрај вашето долгогодишно искуство во воспитно-образовниот процес, работите како семеен и системски терапевт. Што е најголем предизвик во вашата работа со деца и родители?
Петровиќ: Различните искуства во различни контексти, нудат драгоцени перцепции и алтернативи. Предизвиците се секојдневни, но како и во секоја професија, тие се она нешто што ве донело токму таму кај што сте. Еден типичен, кај некои од современите родители, е дека децата можат да се донесат во советувалиште или училиште за да се „поправат“, а тие ништо да не менуваат кај себе. Едноставно, што побрзо да добијат човечиња кои нема да ги заморуваат со проблеми околу јадење, учење, зборување, однесување и слично. Тоа е невозможно, но предизвик е да се разбере. Децата прават проблем, за да решат проблем, најчесто во функција да се поправи токму родителството.
Фактор: Колку родителите го креираат живот на децата?
Петровиќ: Многу. Голема вистина е мудроста – „Сѐ зависи од начинот на кој нѐ сакале нашите родители“. Овој свет би бил навистина различен кога што повеќе возрасни би умееле, би можеле и би имале приоритет да бидат добри родители. Да даруваат безусловна љубов, а да мапираат граници во зависност од детската возраст, со што ќе обезбедат структура и сигурност.
Фактор: Вашата анализа „Родители не се разведуваат“ беше прочитана и коментирана од многу луѓе. Зошто родителите при развод не ги ставаат децата во прв план? Kако е тоа возможно, па нели на секој родител му е најважно детето?
Петровиќ: Интересно прашање за кое нема еден и едноставен одговор. Мораме да сфатиме дека секој развод е семеен земјотрес кој не само што го дестабилизира детството, туку силно ги стресува и родителите, а токму од нив се очекува да дадат поддршка. Тоа е долг процес во кој неминовно се случуваат бури од емоции, па и несоодветни реакции. Замислете, уште колку се усложнуваат релациите ако има неприфаќање на одлуката за прекин на бракот кај едниот сопружник, развод заради неверство, висококонфликтен развод, пребрза одлука за нов брак... Како тогаш да се биде функционален родител?
За жал, навистина некогаш родителите намерно прават сценарија и манипулираат, но сепак мислам дека најголем проблем е лошата комуникација.Таа е како страшен вртлог, од кој тешко успеваат да излезат, бидејќи постојано докажуваат кој е во право и кој е подобар. Тие имаат две различни парцијални перцепции за едно исто случување, а нивното дете е растргнато во конфликт на лојалност и балансира меѓу двајцата. Се бори сите да испливаат, многу често преку симптоматично однесување, кое некогаш не го ни разбираат и поврзуваат. Затоа е добро да постои стручна поддршка за сите членови на семејниот систем.
Фактор: Како некои успеваат да продолжат добро да комуницираат и да бидат добри родители?
Петровиќ: Успеваат, што е навистина охрабрувачки за сите кои допрва минуваат низ разводниот процес. Веројатно тоа е поврзано со индивидуални и контекстуални фактори, нo и нешто друго – во брак сепак стапуваат двајца со многу сличен, ако не и идентичен степен на зрелост, односно незрелост. Понекогаш успеваат заедно да растат низ разни животни искуства, па и работа на себе, но не секогаш се расте. И не секогаш заедно и еднакво. Исто така, некогаш се разведуваат две големи непораснати деца, кои имаат деца.
Фактор: Какво влијание врз децата од разводот се забележува на училиште?
Петровиќ: Одамна е надмината заблудата дека децата не разбираат што се случува и можат мирно да играат и учат. Дури и во случај на сосема коректен развод, не се безгрижни и своите емоции ги манифестираат на разни начини. Многу често, децата со возрасните започнуваат еден важен разговор - што не кажуваат со збор, покажуваат со симптом. Можно е да се забележи невнимание, намалување на училишниот успех, недисциплина, нередовно носење домашни. Релациите со соучениците се менуваат, па некои деца се повлекуваат и осамуваат, а други стануваат агресивни. Се случува да не сакаат да доаѓаат на училиште, како да имаат обврска некого или нешто да чуваат. Има и такви кои често отсуствуваат, бидејќи манифестираат здравствени проблеми како резултат на емоционалниот товар.

Тажно е кога покрај со разводот, некои мораат да се борат со додатни тешки ситуации во домот: зависност, болест, депресија, насилство, сиромаштија, пребрзи одлуки за нови партнери... Исто така, многу деца со посебни потреби се вистински предизвик за семејството и училиштето, кога разводот влијае на нивната состојба.
Фактор: Како да се разведе бракот, но да се заштитат децата?
Петровиќ: Потребно е кородителство со избалансирана распределба на времето и обврските, преку заемна спогодба на двајцата сопружници кои се разведуваат, но ова не се случува често.
Кога се говори за заштита во најдобар интерес на детето, не сум сигурна дека се знае колку тоа е пречувствително комплексно прашање, кое зависи од многу фактори: возраст, пол, семеен контекст, локални ресурси, можни закани, потреби поврзани со сѐ она што е здрав детски раст и развој, но и пошироко. Воедно, поврзано со заштита на детскиот интерес, во секоја семејна приказна мора да се разгледаат капацитетите на двајцата родители. Можеби некој е зависник, или насилник. Можеби некој лаже дека другиот е зависник или насилник, со цел родителско отуѓување. Или пак, некој не умее да биде родител и ги запоставува потребите на сопственото дете.
Затоа, важно е конечно да ја разбереме потребата да се договараат различни модели за различни семејства, наместо да се работи шаблонски. Така ќе им се овозможи пред сѐ на оние кои сакаат, можат и умеат, да останат одговорни и посветени родители и покрај разводот на бракот. Не како со ножици поделено 50 : 50 проценти родителствување по секоја цена и при секој развод, туку како семеен индивидуален пристап за одговорно и рамноправно кородителство. На тој начин ќе се спречува родителското отуѓување, но и дискриминирањето на родителите кои се подобни. Ова е сложен процес, ама не можеме да се забетонираме и да не правиме промени, бидејќи разводите се наше секојдневие.
Фактор: Можна ли е училишна поддршка при развод на бракот?
Петровиќ: Да, тоа е всушност инклузивен системски пристап во решавање на проблемите, кога ги барате ресурсите во секое делче од сложувалаката. Паралелката е второ семејство. Превенира и лечи. Учителот дава поддршка преку јакнење на детските резилијенци, без воопшто да ги издвојува и етикетира овие деца. Во училницата, ученикот добива и драгоцена меѓуврсничка поддршка. „Одам кај другарите, кога играм заборавам“ - ќе ви објаснат помалите ученици, ако ги прашате што прават кога се тажни.
Важно е и да постои литература со цел да се нормализира разводот наспроти етикетирање, срам, тајна, себеобвинување и сл. Така ќе се намалат сите оние штетни последици кај децата како разни психосоматски симптоми, училишен неуспех, одбивање да се оди на училиште... промени во однесувањето. Потребно е да се надминат нестручните приоди во македонските учебници, поврзани со темите од семејниот живот. Ние во „Алтернатива“ се поврзавме како автори, коавтори и рецензенти и работиме на овој проблем. Треба да се отпечатат две наши книги.
Фактор: За што се зборува во книгите?
Петровиќ: Пред сѐ дека и во случај на „идеален“ развод, на децата им е потребно време да преболат. Потребна им е помош и поддршка. Во реалноста се случува да бидат запоставени, па дури и злоупотребувани. Некои возрасни велат и мислат „во најдобар интерес на децата“, но всушност задоволуваат некои свои потреби, честопати толку нездрави, што сериозно ги повредуваат, па и етикетираат оние за кои би ви рекле дека им се најважни. Ги разболуваат. Децата можат подеднакво да бидат несреќни и во семејства каде не се случил развод. Од разводот пак, можат релативно брзо да оздрават и да продолжат со животот. Поентата е во родителството! Понекогаш луѓето дури и немаат идеја дека грешат како родители, па исто како и на децата - потребна им е помош и поддршка. Сето ова ние се обидовме да го објасниме на едноставен начин, за да допреме до семејствата.
Фактор: Мислите, родителите не го прават она што е во најдобар интерес на нивните деца?
Петровиќ: Секако не сите и секогаш, но рецитирајќи во најдобар интерес на децата, често правиме работи за возрасните и толерираме грешки на возрасните. Не само како родители и во семејствата и не само во Македонија. Има милион примери од кои можеме да видиме дека децата секојдневно се губитници затоа што се исполнуваат потреби, поточно желби на родителите, наставниците, трговците, политичарите... наместо потреби на децата. И кога во современото родителство често им е дозволено скоро сѐ што ќе посакаат, пак се тие губитници, заради некомпетентноста на оние кои се најодговорни за нив.
Фактор: А, ова е можеби поизразено при прекин на бракот?
Петровиќ: Па, и во приказните за разводите секогаш треба да се прашуваме – Чија потреба задоволуваме, или можеби, чија желба исполнуваме, велејќи и правејќи нешто во најдобар интерес на детето.
Родители не се разведуваат. Брачниот субсистем нема знак еднакво со родителскиот. Навистина е премногу важно и во интерес на децата, родителите да учат да соработуваат, наместо да војуваат. Да се слушаат додека зборуваат за да се разберат, наместо да зборуваат за да докажуваат колку се во право. Во детскиот свет е безбедно и добро, кога има место и за мама и за тато. Двајцата некогашни љубовници, продолжуваат како двајца доживотни родители, инаку тој свет може лесно да се распарчи.
