Деца вандализираа, Општина Карпош пријави во полиција
Нова сцена на вандализам ги вознемири жителите на Карпош 4, откако група тинејџери вчеравечер насилно урнала канделабра во близина на фитнес-паркот во населбата. Случајот бил снимен и објавен во фејсбук-групата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“, по што следуваа бројни реакции од граѓаните. Во коментарите, дел од жителите претпоставуваат дека станува збор за деветтоодделенци од основното училиште „Петар Поп Арсов“, иако засега нема официјална потврда за идентитетот на лицата на снимката.
Општина Карпош изразува сериозна загриженост за зачестените случаи на вандализам и оштетување на урбаната опрема и детските игралиштата на цела територија на општината. Во изминатиов период е евидентирано оштетување на клупи, корпи за ситен отпад, паркинг држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити и останата урбана опрема.
„Последниот случај на кршење на канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвора потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, овде станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста по сите граѓани на јавниот простор.
Сите досега евидентирани случаи се пријавени до Полициска станица Карпош од каде што добивме известување за поголемо присуство на полициските служби на терен како и расчистување на овие случаи.
Апелираме до сите граѓани за совесно и одговорно однесување кон урбаната опрема и јавниот простор како наш заеднички имот и навремено пријавување на секој случај на вандализам до надлежните служби.
Апелираме и до родителите за поголема информираност за движењето и однесувањето на нивните деца, како и разговори за значењето од зачувувањето на јавниот простор и последиците од несоодветното однесување“, реагира општината.
