ДЕБРАНИ ЗА ПРИМЕР: Нема ноќни собирања, нема кражби, нема сообраќајки
Стабилна е безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа, соопшти Полицијата.
Оттаму велат дека во изминатото
деноноќие, на целото подрачје на двете општини каде е прогласена кризна
состојба не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања
на јавниот ред и мир, нема кражби или други имотни деликти и нема сообраќајни
незгоди.
„На терен, продолжуваат мерките што полициските службеници ги преземаат согласно оперативниот план, вршат обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби, ги контролираат угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници) и се грижат за доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот“, велат од МВР.
Од Министерството нагласуваат и дека непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа.
„Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
Упатуваме апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до граѓаните на општините Струга, Охрид и Кичево, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“, предупредуваат од Полицијата.
