Дебармаалци денеска протестираат за безбедни улици
Граѓаните на скопско Дебар Маало вечерва ќе протестираат и ќе бараат Општината и Градот да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците, а особено децата, од опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење. Под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, протестот ќе се одржи од 18:00-19:30 часот, на улица Антоние Грубишиќ, во потегот од ОУ Коле Неделковски до Министерство за култура.
Минатата недела, кај ОУ Коле Неделковски загина сограѓанка која одеше по коловозот оти тротоарите се постојано зафатени со возила, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што нема простор и затоа што дотур се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден. Брзината, иако формално ограничена, никој не ја санкционира, бучавата ги надминува сите дозволени граници, градежните активности продолжуваат и покрај тоа што граѓаните го оспорија предложениот Детален урбанистички план. Иако градоначалникот на Центар и Општината се обврзани со закон да одговорат на анкетните ливчиња за ДУП-от, градоначалникот Андреј Жерновски и Општината го прекшија законот и сѐ уште одбиваат да одговорат на над 400 анкетни забелешки од граѓаните.
Организаторот на овој мирен протест, граѓанската иницијатива Во одбрана на Дебар Маало, повеќе од 2 години предупредува на опасноста и бара од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и Скопје Коце Трајановски, како и од градските и општинските советници и стручни служби, Паркинзи и МВР-Сообраќајна полиција да ги спроведуваат законите и да работат за заштита на јавниот интерес.
За да се избегне понатамошно влошување на квалитетот на животот во Дебар Маало, граѓаните бараат неселективно почитување на законите, нов режим кој ќе го намали сообраќајниот метеж, како и изработка на стручни студии за загадувањето, сообраќајните решенија, густината на населеност и инфраструктурата, инсистирајќи тоа да се стори што побрзо, а во меѓувреме да не се издаваат дозволи за нови градби.
