Економија, финансии, бизнис

Контакт

Деа Здравковска: Очекуваме правда и правдина за секој удар врз студентите!

Деа Здравковска: Очекуваме правда и правдина за секој удар врз студентите!

„Раката што удри по студентите мора да биде казнета. Мора да има одговорност за оние кои застанаа зад нелегитимниот избор на студентски претставници. Студентите сега се похрабри и отворено говорат за реалните  проблеми” - вели за Фактор, Деа Здравковска од Студентскиот пленум.

Искра надеж дека правдата може да задоцни но не и да  заборави, според неа  на студентите им  дава реакцијата на Основното јавно обвинителство  кое почна да постапува за случајот со полициската интервенција за време на минатогодишните студентски избори за претседател на Студентскиот парламент. Деа беше една од групата студенти кои беа насилно влечени и  туркани бидејќи бараа фер и чесни избори.

Првично таа  била изненадена од поканата на Основното јавно обвинителство да посведочи за она што го преживеале за време на изборниот ден, но потоа вели дека  била среќна што конечно се отвора ново поглавје и почеток на правна разрешница на  бруталноста на системот.

 “Беше потребно многу време за да се достигне ова ниво на храброст и студентите да проговорат за реалните проблеми со кои се соочуваат на дневно ниво. Последните неколку години, студентите беа навредувани, понижувани, малтретирани, тепани само затоа што гласно говореа за неправдата. Искрено, кога на 30 јуни минатата година доживеавме таков физички и психички стрес и мислам дека секој од нас што беше пред канцеларијата на СПУКМ созреа многу. Прво затоа што сме луѓе што знаат да простат но знаат и да казнат. Таква полициска бруталност ги премина сите граници и беше надвор од нормалноста. За таквото непрофесионално однесување од страна на Единицата за брзо распоредување мора да се казни. Решив да го пријавам бруталниот настан заедно со Хелсиншки комитет. Беше напишана кривична пријава во која имаше изјави од сведоци. Тоа се случуваше пред една и пол година. Не верував дека некогаш ќе се отвори тој проблем од причина што во минатото не се практикувало. Јавна тајна е дека работите најчесто завршуваа во дно на некоја фиока и се забораваат. Затоа и се изненадив  кога добив покана од Основното јавно обвинителство за да дадам изјава. Ме радува тоа што можеби работите ќе бидат подобро, а со тоа доаѓа правдата”- потенцира Здравковска.

Според неа потребни се контролни механизми преку кои ќе се проверува каде и како се трошат студентските пари. Дополнително вели е потребен и подобар  животен стандард за студентите.

“По сите случувања,  секој  буквално ќе се плаши ако направи нешто што е спротивно од барањата на студентите. Треба да има контролни механизми во кои студентите не можат да ја злоупотребуваат функцијата студентски претседател или студентски правобранител и да користат пари на студентите за лична сатисфакција. Претходниот состав  на Студентскиот парламент на УКИМ се покажа во најлошо светло. И треба да бидат пример на следните генерации дека такво нешто не смее да се повтори. Овие години негов коректор беше Студентскиот пленум, но за 10 години може ќе има друго движење. Потребна е искреност, мотивација, чесност и скромност. Овие се задолжителни карактерни особини што сметам дека треба да ги има студентскиот репрезент. Партиите нека си се тргнат на страна, си имаат подмладоци и нека си работат со нив. Се додека студентот знае да разграничи партија од студентски репрезент, тоа не ми претставува проблем. Но да се промовираат идеалите на партијата преку студентски репрезент или организации, за мене таквата личност  е  лакома и лесно подволдива”- додава студентката Деа Здравковска.

Оттука смета дека е потребен целосно нов модел на студентско организирање кој ќе значи транспарентност, отчетност и поголема мобилизација на студентското јадро.

“Морам да кажам дека имаме добра соработка со Министерството за образование и имавме неколку состаноци на кои се дискутираше каков треба да биде новиот модел на студентско организирање. Потребно е комплетно нов модел во кој приоритетна работа што треба да се промени е Студентскиот парламент да биде тело или орган во рамките на Универзитетот, а не да фигурира како невладина организација. Да има одговорност во трошењето на финансии, односно задолжително да се пишуваат финансиски извештаи, како и годишни извештаи. Да има фер и демократски избори, коишто ќе се почитуваат статутарните одредби. Претходниот претседател на СПУКМ , Кирил Спировски направи толку проблеми во студентското организирање и крадеше пари па реално е да  се надеваме  дека ќе се покрене постапка против него. Да не заборавиме, тоа се пари на студентите. И треба сите до денар да ги врати”- нагласува  студентката од Пленумот.

“Би сакала да објаснам како е воопшто можно да невладина организаицја има толку високи ингернции на ниво на факултетите и на универзитетите. Имено, во Законот за високо образование во 2008 година, наведено е дека Студентскиот Парламент е единствено претставничко тело на студентите. Притоа  не е наведено што е Студентски парламент, дали е тело, човек, животно итн. И луѓето што си ја регистрирале невладината организација во Централниот регистар со име Студентски Парламент, си дале за слободоа да влезат во сите управувувачки тела на Универзитетот и фактички  петмина   одлучуваат за 25.000 студенти. Е тука е најголемиот проблем бидејќи најстариот универзитет во земјава една деценија дозволува  овој проблем да се провлекува”- вели Деа Здравковска.

Во меѓувреме, работни групи составени од претставници на универзитетите, синдикатите, како и од професорскиот и студентскиот пленум  и ресорното министерство почнаа да работат на ново законско решение за високо образование кое треба да се фокусира на  автономијата на универзитетите и нивното финансирање, статусот на професорите и учеството на студентите во донесувањето одлуки на универзитетите. Сите страни се согласија дека нема да се брза со носење на законот, туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветните решенија. Новиот Закон според првичните најави може да се очекува  до крајот на годината.

С.Б.

Слично

Поврзани вести