ДАВИДОВИЌ, НАКОВ, ТОРТЕВСКИ ИЛИ НЕКОЈ ДРУГ: Кој ќе го наследи Зврлевски?
По разрешувањето на јавниот обвинител, Марко Зврлевски попладнево стартува трката за избор на нов јавен обвинител.
За оваа позиција ќе се борат адвокатите Ѕвонко Давидовиќ, Александар Наков и Александар Тортевски. Неофицијално се споменува и името на нотарката Лорија Ваневска.
По разрешувањето на Марко Зврлевски, по барање на Владата, претседателот на Собранието треба да објави конкурс за избор на нов државен обвинител.
По добивањето на позитивно мислење за кандидатите од Советот на јавни обвинители, Владата го избира новиот државен обвинител.
„Владата на РМ до Собранието на Македонија доставува предлог за именување на Јавен обвинител на Македонија од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за Јавен обвинител кон предлогот се доставува и мислењето од Советот“ – пишува во Законот за јавно обвинителство.
До изборот на новиот јавен обвинител, за да се испочитуваат сите законски процедури, ќе помине најверојатно и повеќе од месец дена.
