Давидовиќ: Голема политичка грешка е неподдршката за барањата на СЈО
Адвокатот Звонко Давидовиќ посочува дека гласањето против предложените закони за работата на СЈО е голема политичка грешка, особено што сите се заложија за целосно решавање на политичката криза и скандалот со прислушкувањето.
- СЈО ќе продолжи да работи во рамките на ограничениот мандат кој го има, но сепак има доволно време да се поднесат обвиненија. Сепак, мора јавноста да знае дека од правна гледна точка времето е навистина кратко за сериозни и темелни истраги за сите основани сомненија. Никој не вели дека осомничените се виновни, но тоа мора да го докажат пред судот во една легална постапка, изјави адвокатот Давидовиќ за faktor.mk.
Давидовиќ оценува дека без можност СЈО да ги заштите сведоците кои им се потребни не може ни да се спроведат предметите кои се спроведуваат поради големите закани и опасности.
- Законот за заштитени сведоци е навистина ограничен и не е во прилог на работата на СЈО кое не може да ги заштити изворите на истрагата. Затоа за оваа состојба некој треба да одговара, не може само политички да се замачка состојбата, треба темелно и конечно решение, оценува адвокатот Давидовиќ.
