„ДАВААТ БЕСПЛАТНИ ПРЕГЛЕДИ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ПУСТЕЦ ДА СЕ ИЗЈАСНАТ КАКО БУГАРИ“: Жестоки обвинувања од Македонското друштво “Илинден“ - Тирана кон Бугарија
Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ги осудува обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во областа Преспа.
„На 26 септември 2025 се направени прегледи од страна на бугарски лекари и во самите слики се гледа бугарското знаме во државна амбуланта во Пустец ова е преседан бидејќи е државна институција каде живее Македонско население призната од албанска држава. Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонците во Република Албанија“, стои во соопштението.
Од таму обвинуваат дека акцијата за бесплатни прегледи е „мамка“ за населението во Преспа, за да се изјаснат како Бугари.
„И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари. Македонското друштво “Илинден“-Тирана изразува жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица за сметка на македонците во Република Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени. При тоа, цената на уцените од Софија, врз политичкиот врв на нашата држава ја плаќа македонското население. Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги повикува албанските и европските институции, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонците во Република Албанија. Напоменуваме, дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените државјани, доведе до крајно дрски и насилнички атаци врз Македонците во Република Албанија“, стои во соопштението, потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.
