Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ: Оваа тема ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ: Оваа тема ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се со спротивставени ставови за тоа дали земјата ќе добие датум за преговори со Европската Унија во јуни. 

Опозицијата ја напаѓа власта дека земјава нема да добие датум. Како причина, во партиското соопштение го наведуваат, криминалот на власта, кој според ВМРО – ДПМНЕ е приоритетен во однос на реализацијата на проекти.

„Пратеници кои одлучуваат за суштински прашања нарачуваат наркотици по телефон, одговорност нема. Долгот расне, граѓаните се повеќе осиромашуваат, одговорност нема од Министерот за финансии. Македонија тоне на листата за корупција, а Заев и Анѓушев си делат тендери и нормално одговорност нема. Сето ова неодговорно и криминално владеење го гледаат меѓународните претставници и сосема очекувано, како што нема одговорност ќе нема ниту датум за преговори во јуни“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Од СДСМ одговораат дека ВМРО – ДПМНЕ навива да нема датум за преговори со ЕУ и земјава да се врати во изолација.

„Поддршка за интегрирање  на земјава во НАТО алијансата и Европската Унија доаѓаат од сите страни. Веќе 13 држави го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Само поразената ВМРО ДПМНЕ останува осамена да навива за недобивање на датум за почеток на преговори, да урла против напредокот на земјава. Наместо лицемерно да зборува за правда, ВМРО ДПМНЕ да го поддржи продолжувањето со работа на СЈО и да побара расчистување на криминалот на ВМРО ДПМНЕ и режимот на Никола Груевски, кој се уште го брани“, велат од СДСМ.

Во јуни ќе се знае дали Македонија и соседна Албанија ќе добијат датум за преговори со ЕУ. 

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние порача дека Македонија не треба да очекува подарок од ЕУ, и потенцира дека тој подарок треба да биде заслужен, затоа што критериумите не смее да бидат занемарени. 

Слично

Поврзани вести