Даштевски: Ургентно побарав пари за „фингерпринт“
Александар Даштевски, новиот претседател на Државната изборна комисија, вели дека ургентно побарал пари од Министерството за финансии за набавка на уреди за фингерпринт за локалните избори кои треба да се одржат наесен. Според првиот човек ан ДИК, тоа е законска обврска, но не е можно да се исполни доколку затајува соработката со институциите во државата.
– Не е можно извршување на законските обврски без соработка со државните институции во Република Македонија, истакнувам уште претходниот состав пред донесување на буџетот побарал средства за извршување на законската обврска позната како „фингерпринт“ која е донесена во февруари минатата година со измени и дополнувања на законот, каде стои дека за локалните избори мора да биде спроведена. Пари во буџетот не се одобрени и по изборот и доаѓањето на овој состав поднесено е барање за одобрување на средства со трансфер на пари, потоа и јас лично поднесов барање со ургенција. Се уште немаме одговор од институциите, вели Даштевски во разговорот за „Курир“.
Тој додава дека комисијата нема да биде одговорна доколку Министерство за финансии не реагира и дека обврската треба да се спроведе поради зголемување на степенот на демократија во избирачкиот процес.
