Даштевски: Софтверот на системот за биометриска идентификација е инсталиран и криптиран
Александар Даштевски, претседателот на Државната изборна комисија, во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24 објави дека серверот за системот за биометриска идентификација на гласачите е веќе инсталиран и криптиран за заштита на податоците.
- Само серверот е преку милион евра, можеби два, не знам. Меѓутоа тука е и криптологијата, криптирањето на податоците. Тие се криптирани и тоа е многу скап процес. И веќе дадени ни се од МВР нивните криптирани податоци, од нивната фирма. Ставени се кај нас во нашиот сервер, кој веќе е поставен и криптиран. Нив нема да може да ги види ниту претседателот, ниту подпретседателот на ДИК. Ќе може само со личната карта или отпечатокот од прст, рече Даштевски.
Даштевски објасни дека од добитникот на тендерот „Дермалог“ се ангажирани и двајца нови подизведувачи околу безбедноста на софтверот.
На локалните избори во октомври за прв пат ќе се гласа со терминали за отпечаток од прст, а јавната набавка на системот ја чинеше ДИК околу 11 милиони евра.
