Даравелски сепак нема да остане во затвор, казната застарела
Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски ќе помине само една ноќ во затвор, затоа што казната му застарела.
Даравелски, кој денеска е уапсен на граничниот премин Табановце, веројатно ќе помине само една ноќ во затворот „Идризово“, бидејќи му застарило извршувањето на казната, објави „Фокус“.
Тој е осуден на седум години затвор за милионски злоупотреби во времето кога беше директор на Царината, од 1999 до 2002 година. Од 2007 година, кога му беше изречена пресудата, беше во Белград. Тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Од сторувањето на делото според Кривичниот Законик се поминати 20 години, а од правосилноста на казната веќе поминале повеќе од десет години, што и автоматски значи дека Даравелски нема да ја отслужи затворската казна, бидејќи таа застарела, пишува „Фокус“.
