Економија, финансии, бизнис

Контакт

Даниловски: Возраста не смее да биде основ за одземање право на возење

Даниловски: Возраста не смее да биде основ за одземање право на возење

Доктор Драган Даниловски реагираше по најавите за законски измени со кои управувањето со моторно возило би се ограничувало врз основа на возраста, оценувајќи дека таквото решение отвора сериозно прашање за институционализирана дискриминација по возраст – таканаречен „ејџизам“.

Во јавна објава, Даниловски посочува дека возраста како административен критериум за ограничување на права создава опасен преседан, бидејќи воведува категорија граѓани со намалени права и ја третира автономијата како условна, наместо како основно човеково право.

Тој нагласува дека во правото и биоетиката дискриминацијата се препознава кога индивидуалната процена се заменува со општа претпоставка – во овој случај, претпоставката дека староста автоматски значи неспособност. Според него, тоа е и етички и научно неодржливо.

„Функционалната способност не се чита од лична карта. Биолошката старост не се поклопува со календарската. Некој може да биде високоризичен возач и на 20 години, а друг да има стабилни психомоторни и когнитивни функции и на 90“, наведува Даниловски.

Тој истакнува дека процената на способноста за возење треба да се врши врз основа на медицинска евалуација – преку прегледи, тестови и индивидуална процена на ризик – а не преку административна одлука што ги опфаќа сите над одредена возраст.

Според него, во меѓународната пракса речиси и да нема автоматско ограничување на правото на возење исклучиво врз основа на возраста. Воведување ваква мерка, смета Даниловски, би можело да се доживее како дискриминација и „казна за самото стареење“.

Тој потсетува дека секое ограничување на право мора да помине тест на легитимна цел, неопходност и пропорционалност. Иако безбедноста во сообраќајот е легитимна цел, законска граница што сите лица над одредена возраст ги третира како потенцијално неспособни, според него, не е неопходна и претставува сериозен преседан.

Дополнително, Даниловски предупредува на можните психолошки и социјални последици од ограничување на мобилноста кај постарите лица. Возењето, како што наведува, за многумина претставува суштинска компонента на автономијата, пристап до здравствени услуги и одржување на социјалните врски. Наглото губење на автономијата, според психијатриската и геронтолошката литература, може да биде поврзано со зголемен ризик од депресија, анксиозност и чувство на безнадежност.

Од правен аспект, тој укажува дека евентуалните измени мора да бидат усогласени со Уставот, кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните и пропорционалноста при ограничување на правата, како и со европските стандарди за забрана на дискриминација и заштита на достоинството на постарите лица.

Даниловски повикува на широка и суштинска стручна расправа во Собранието, со вклучување на медицинската, правната и јавноздравствената експертиза. Според него, Медицинскиот факултет, Македонското лекарско друштво и Лекарската комора треба активно да се вклучат и да изнесат јасен став.

„Одлуките донесени денес ќе ја одредат рамката во која секој од нас ќе старее утре“, порачува Даниловски.


Слично

Поврзани вести