Даниловски го праша министерот зошто го канeл во Комисијата, а сега го критикува
Со реакција се јави епидемиологот проф.-д-р Драган Даниловски. Тој на Фејсбук одговара на денешната изјава на министерот за здравство Беким Сали, кој рече дека Даниловски „не е спремен да се справи со реалноста и дава необјасниви и несериозни изјави кои негативно влијаат во општеството“.
Професорот вели дека нема апетити и амбиции ниту за кариера, ниту за лична промоција и дека само се обидува да помогне безусловно.
Даниловски вели дека е зачуден и прашува како е возможен ваков дијаметрално различен став?
„Професорот Даниловски до само пред некој ден, како „угледен“ експерт, беше пожелен и поканет член во Комисијата за заразни болести или во тимот на советници, но наеднаш, преку ноќ се обвинува како доктор „кој не е спремен да се справи со реалноста“ и дава „несериозни изјави опасни за општеството“!? Не сум бил спремен да се справам со реалноста!? Јас – токму затоа што ја согледувам реалноста – со име и презиме (а не затскриен и покриен зад било какво тело, комисија, колективитет, партија), две години – волонтерски – се трудам да помогнам да се оптимизира курсот на мерките против пандемијава! Не носи ли тоа неспоредливо поголема одговорност?“, пишува Даниловски.
Министерот рече дека професорите давале несериозни изјави. Инаку, пред неколку дена министерот по пат на Фејсбук повика неколку професори да бидат дел од Комисијата за заразни болести. Професорот Никола Пановски рече дека прво се разговара, па потоа се објавува на Фејсбук.
Слично
