Тројца во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат избори
Пратениците Даниела Рангелова, Илија Димовски и Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да има предвремени парламентарни избори, објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се и на изјави од лидерот Христијан Мицкоски.
Триото е меѓу петте пратеници кои не се потпишале на иницијативата поднесена во Собранието за распишување на предвремени парламентарни избори.
„Триесет и тројца се потпишаа на барањето, двајца се службено отсутни, еден знаете дека се наоѓа на локација во Будимпешта и да бидам прецизен тројца не го потпишаа барањето”, изјавил Мицкоски за РСЕ во најавеното интервју.
Ова го потврдила самата Рангелова, која вели дека не се потпишала затоа што однапред било кажано дека иницијативата нема да помине кај мнозинството.
„Јас не сум лицемерна пред граѓаните и не учествувам во такви политички гимнастики. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се посвети на реформскиот процес, да понуди проекти за повисок животен стандард и нови работни места за граѓаните, а не да се занимава со ефтини политички игри и трикови кои се прочитливи за само неколку часа. Моето мото е државните интереси пред партиските и личните”, вели Рангелова.
Таа додава дека нејзиниот мотив не е тоа дека стравува дека може да го загуби пратеничкиот мандат ако има нови избори.
