ДАНЕВ(ВМРО-ДПМНЕ): Очекувам 61 глас на утрешното гласање за интерпелација на Владата
Kоординаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, денес изјави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се подготвени со дискусија да ги изнесат сите факти и аргументи против 10-месечното владеење на актуелната Влада
На барање на ВМРО-ДПНЕ за утре во 11 часот е закажана седницата за доверба на Владата.
Данев апелираше до сите пратеници на утрешното гласање пред себе да го стават интересот на сите граѓаните на Република Македонија, а не партиските и личните интереси.
– Ако тие интереси ги водат, убеден сум дека ќе имаме над 61 глас, рече Данев.
Извесно е дека на утрешната седница нема да биде поддржано барањето на ВМРО-ДПМНЕ, што е потпишано од 41 пратеник, иако пратеничката група на коалицијата брои повеќе.
Координаторот на владејачката СДСМ Томислав Тунтев, пак, изјави кажа дека е поразително за една голема политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ да бара изговор и да најде погрешен начин за да се врати во работата на Собранието.
– Ако ова е големата врата за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, тогаш навистина сме малку разочарани. Барањето е сосема легитимно и всушност нам ни отвора простор да ги реафирмираме сите позитивни политики на оваа Влада во последните 10 месеци, рече Тунтев.
Според него, пратениците од владејачките партии на утрешната седница ќе ја потсетат опозицијата на, како што кажа, криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во последните 10 години, зошто оваа држава се наоѓа на ова дереџе, а исто така ќе потсетат дека во овие 10 месеци Владата на Република Македонија ги презела сите активности за да ги отстрани и ублажи погубните политики што години наназад ги воделе поранешните влади.
