Данев: Предвремени парламентарни избори заедно со локалните се најдобро решение
Предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните избори, според ВМРО-ДПМНЕ, се најдоброто решение за излез од актуелната состојба.
Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека со тоа државата не би имала преголеми дополнителни трошоци, а граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат за платформата која беше ставена на маса после изборите во декември.
„Сеалбанската платформа беше потпишана на Божиќ, 07-ми јануари во Тирана од страна на лидерите на албанските партии во Македонија. Веднаш потоа стана услов за формирање на идната тиранска влада и беше прифатена од страна на СДСМ и Зоран Заев. Еден месец претходно, на декемвриските избори, граѓаните ниту беа информирани, ниту беа прашани што мислат за промена на банкнотите, официјализирање на албанскиот јазик на целата територија, носење на резолуција за геноцид врз Албанците и низа други скандалозни одредби кои ги содржи тиранската платформа. Затоа граѓаните сега се чувствуваат измамени. Затоа граѓаните сега се револтирани“ - рече Данев.
СДСМ, според него, е уценета партија, а нејзиното раководство е фатено во криминал до гуша и тоа е главната причина зошто се согласиле да ја прифатат платформата. ВМРО-ДПМНЕ, како што наведе Данев, нема да дозволи некој да тргува со државните и националните интереси само за да се спаси од кривична одговорност.
