Економија, финансии, бизнис

Контакт

Данела Арсовска го раскина новиот договор за новогодишно украсување на Скопје

Данела Арсовска го раскина новиот договор за новогодишно украсување на Скопје

Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, го раскина новиот договор со фирмата „Линк медиа плус“ за новогодишно украсување на главниот град кој беше потпишан изминатиот период пред заминувањето на екс-градоначалникот Петре Шилегов.

Договорот беше постигнат на 243.000 евра, а фирмата „Линк медиа плус“ редовно го украсува градот изминатите години за слична сума.  Оваа фирма била единствена која доставила понуда на јавниот повик, кој беше објавен во септември.

„Соочени со енергетската криза која е во тек, а имајќи во предвид дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена, како и во согласност со Владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, сакаме да ја информираме јавноста дека Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус дооел за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000,00 денари односно 243.000,00 евра. 

Следната година наместо досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на градот со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси. 

Ова е само прв пример за воспоставување на нова пракса на одговорно и транспарентно работење на Градот, со што ќе ставиме крај на неодговорното работење и трошење на градските буџетски средства“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Раскинатиот договор предвидува поставување централна новогодишна елка на Плоштадот Македонија и украсување на неколку други локации и улици.

Се очекува Арсовска во текот на денот да излезе со повеќе детали за донесената одлука.

Слично

Поврзани вести