ДАМЕВА: Пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред
Пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред, којшто влева надеж дека правдата е достижна, вели Весна Дамева, која од денеска повторно се врати на чело на Судскиот совет.
„Во 2023 година имаше непријатна состојба во Судскиот совет и јас се надевам дека 2024 година ќе биде година во која што сите членови на Судскиот совет поединечно и во состав на Судскиот совет ќе најдат начин да ја санираат таа состојба, односно да покажат дека можат да се движат по оној трасиран пат на Советот, исполнувајќи ги основните заложби“, изјави Дамева.
Според неа, ако целта на критиката е во насока на подобрување на одредени состојби и надминување на одредени слабости, таа критика мора и треба да биде прифатена.
„Би сакала да ја истакнам и поддршката што ни беше дадена од страна на ЕУ преку Извештајот којшто беше изготвен од страна на Оценската мисија во кој се детектирани сите состојби и слабости на Судскиот совет и верувам дека истиот на сите членови подеднакво ќе ни биде патоказ за постапување и понатамошно однесување во Судскиот совет“, изјави Дамева.
Во однос на одлуките што досега се донесени, Дамева рече дека и ова прашање ќе биде предмет на анализа на Судскиот совет и посочи дека Судскиот совет е колективно тело и одлуките го носи колективно и во тој дел не очекува било какви дилеми.
За тоа какво однесување очекува од колегите, Дамева додаде дека грешката е направена, но исправена со пресуда од Управниот суд.
фото МИА
