Дали Захариева има нови услови за Македонија?
Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, изјави дека нејзината земја нема да поставува нови услови за Северна Македонија за стартот на преговорите со Европската Унија.
Сепак, вели дека сака да се решат историските спорови.
„Кога политичари од минатото злоупотребуваат историски вистини и играат со нив се доведовме до оваа точка да нема блиски врски помеѓу нашите две земји“, изјави таа.
Но, нагласи дека Софија нема да поставува нови услови на европскиот пат на Северна Македонија.
Вели дека нејзината земја само сака добрососедски односи.
Таа потсети дека Бугарија прва ја призна независноста на нашата држава и дека беше меѓу првите што го ратификуваа пристапниот протокол за НАТО, докажувајќи дека ја поддржуваат евроатлантската перспектива на земјата.
Захариева нагласи дека нејзината земја беше на чело на ЕУ лани кога е одлучено да се започнат пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
Претходно таа изјавуваше дека за вистината нема да прават компримис и дека револуционерот Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин.
