Дали Заев го поддржува ставот на Анѓушев за промена на името на државата?
Премиерот Зоран Заев денеска беше прашан за тоа дали го поддржува ставот на вицепремиерот Кочо Анѓушев во врска со промената на името на државата, на што премиерот истакна дека тој е демократ и дека ги почитува сите мислења.
Премиерот изјави дека 2018 година, особено првото полугодие, е одличен период за наоѓање решение на овој проблем и Македонија да исчекори напред.
„Немаме навлезено во суштина на разговорите со Грција. Се надевам дека ќе навлеземе во суштината со конечно решение на овој проблем кој Грција го има со нашето уставно име. Веројатно варијаблите што се дискутираат во јавноста си дозволил и вицепремиерот Анѓушев да ги коментира отворено. Треба да знаат граѓаните дека ќе бидеме транспарентни во процесот. Но, досега она што е разговарано во посредништвото со Метју Нимиц е решителноста на двете страни да навлезат суштински во решавањето на проблемот што Грција го има. Јас верувам дека ќе се најде решение на сите нивоа. Пред сè помеѓу министрите за надворешни работи, помеѓу нас, премиерите, 2018 година, првото полугодие, е одличен период да најдеме решение на овој проблем и Македонија да исчекори напред. Да добиеме датум за преговори со ЕУ и да ја стартуваме автоматската покана од НАТО за полноправно членство“- вели Заев.
Вициепремиерот Анѓушев деновиве истакна дека за него референци како Северна, Горна или Нова Македонија се прифатливи опции за решение на спорот со името.Според него, прашањето за името е исто така внатрешно прашање и е поврзано со економијата.
Тој рече дека Владата на Зоран Заев има капацитет и е отворена за разговори за прашањето за името, исто така гледа позитивни сигнали и од меѓународната заедница, и од грчка страна.
Но, Анѓушев истакна дека има црвена линија која не треба да се надминува - „идентитетот, македонскиот идентитет, јазикот“.
