„ДАЛИ ВМРО СЕ ПЛАШИ ОД ШАРЕНА, ДА, СЕ ПЛАШИ, НО НЕ ТРЕБА“ - Ивор Мицковски смета дека протестите не треба да бидат стишувани
Откако после трагичната смрт на 59 млади луѓе во страотен пожар во импровизирана дискотека во Кочани се случија протести во Кочани, па студентите од УКИМ се собраа на оддавање почит на жртвите, а и вчера на Градскиот плоштад во Скопје се случи мирно и прилично масовно граѓанско протестно собирање, во јавноста се појавија и размислувања дека сега не било време за протести, во денови на олку голема тага во земјава, а одредени кругови, пак, сметаат дека тоа го промовираат владини извори.
На оваа тема се огласи и аналитичарот Ивор Мицковски.
„Дали ВМРО се плаши од Шарена, што колку и тоа да е глупо - да се плаши.
Дали се во паника - се!
Дали неоправдано и несфатливо самите во тој страв и паника и во обид комплетно да се исперат како неодговорни, си ја појачуваат вината - и тоа е така.
Ниту власта треба да паничи, да демонстрира одвишок сила или селективност и да форсира наратив - седете дома, бидете тивки, не излагајте, не е момент и слични патетики и злонамерни пропаганди.
Ниту пак другата страна треба да се занесува дека треба одма и веднаш да се дојде до инстант правда. Па не е така лесно дечки, и правда од трагедија е само будење пред трагедија и после пак заспивање.
Нам ни треба постојан ангажман, секојдневен за властите нешто да менуваат на подобро, не само изблици, туку постојана борба и ангажираност.
Така да треба да има протести на кој му се протестира, треба да има гласност и гнев, а власта и нејзините корифеи да сфатат дека таа не е насочена кон нивно соборување, туку кон нивно и наше севкупно подобрување“, пишува Мицковски на својот фејсбук профил.
