Дали ВМРО-ДПМНЕ ги признава резултатите од анкетите на МЦМС?
Во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не одговараат децидно дали ги признаваат резултатите од низата анкети објавени овие денови во јавноста од страна на агенцијата МЦМС.
Најпрво во вторникот беа објавени резултати во врска со расположението на граѓаните околу распишаниот референдум на 30 септември за прифаќање на договорот од Преспа, додека вчера податоците на МЦМС го покажаа актуелниот рејтинг на партиите кај јавноста.
- Најпрецизна анкета е мислењето на граѓаните. Кога ќе го земеме во предвид мислењето на граѓаните, очигледно е дека тие не го поддржуваат штетниот и капитулантски договор на СДСМ и Заев. Граѓаните се разочарани и гневни на серијата скандали и афери како „криминалните иновации“, „крвавите тендери“, злоупотребата на службените позиции од страна на функционерите на СДСМ и сите други скандали кои ги предизвикува оваа Влада на СДСМ со своето криминално и неодговорно однесување - гласи одговорот од ВМРО-ДПМНЕ за „Фактор“.
На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ би дале 41,5 проценти, а против се изјасниле 35,1 проценти, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење кое за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 1 август 2018 година. Мнозинството анкетирани 66,4 отсто изјавиле дека ќе излезат да гласаат на референдумот, додека 19,8 отсто се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот. 11,9 проценти се уште немаат одлучено.
На прашањето за која партија ќе гласате доколку утре се одржат парламентарни избори, податоците од анкетата на МЦМС покажува дека за СДСМ би гласале 24,4 отсто, а за ВМРО-ДПМНЕ 24. За ДУИ би гласале 6,9, додека за Алијанса за Албанците 2,7 отсто . Беса би добила 1,7 проценти . За други партии се изјасниле 2,5 проценти од испитаниците, а не знаат или нема да гласаат 37,8 проценти. Кај етничките Македонци, ВМРО-ДПМНЕ има мала предност од 31,2% наспроти СДСМ со 28,3%. СДСМ се уште има поддршка кај 8% од етничките Албанци, додека кај ВМРО-ДПМНЕ таа е помала од 1%.А.К.,
