Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали Уставниот суд ќе не доведе до редовни избори

Дали Уставниот суд ќе не доведе до редовни избори

Процедурите за спроведување на изборите ќе се вратат на почеток и ќе се остави простор тие да се одржат во редовниот термин, наместо да бидат вонредни. Ова ќе се случи ако Уставниот суд донесе решение за укинување на одлуката од 16 февруари за распуштање на парламентот.

Дали ова ќе се случи ќе зависи од тоа дали стручниот колегиум на Уставниот суд в среда ќе ја прифати иницијативата на еден од судиите за преиспитување на одлуката на пратениците да се самораспуштат, со цел на 12 април да се одржат избори. Ако таа биде прифатена, би следело  донесување конечна одлука што во практика би значела враќање на Собранието во функција.

Тоа, пак, би значело и укинување на сите дејствија поврзани со изборите што беа спроведени од 16 февруари па до 22 март, кога изборите беа стопирани, со Уредба на Владта, со која беше предвидено спроведувањето на изборните дејствија да продолжи веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Евентуалната таква одлука на Уставниот суд за укинување на одлуката за распуштање на Собранието би значела враќање на овој парламентарен состав во функција со полн капацитет. Потоа би требало да се носи нова одлука за распуштање на парламентот, доколку партиите се согласат изборите да останат предвремени. Би следела и нова одлука на претседателот на парламентот за распишување избори – со нов термин за гласање, што би значело и враќање на почеток на сите изборни процедури, почнувајќи од увидот во изборачкиот список до составување на кандидатски листи за пратеници, наспроти оние кои веќе беа утврдени на 13 март.

Во таков случај, со оглед на уставниот рок од максимум 60 дена од распуштање на парламентот до одржување на изборите, се уште има простор десеттите парламентарни избори да се одржат во текот на летото, односно пред можниот нов бран на коронавирусот.

Другата варијанта е изборите да бидат редовни, за што термините почнуваат да течат во почетокот на октомври, со оглед на тоа што на 30 декември годинава ќе се заокружат точно четири години од конституирањето на овој собраниски состав.

Слично

Поврзани вести