Дали треба на децата да им ја забраниме технологијата, за да ги воспитаме во духот на христијанството – Одговор на сестра Ефимија од манастир Рајчица
„Да се обидуваме насилно да се вратиме во минатото е лудост. Наместо тоа, повикани сме одговорно да ги прифатиме достигнувањата на нашето време“ – вели сестра Ефимија, монахиња во манастирот Рајчица.
Како денес ,во време на голем број искушенија предизвикани од дигиталната технологија да ги воспитуваме децата за да ја прифатат верата од најмала возраст и да живеат во духот на Христијанството?
Ова е едно од прашањата кои Женски Магазин ги опфати во рамки на големото велигденско интервју со сестра Ефимија, монахиња во манастирот Рајчица и истовремено е едно од најактуелните прашања што си ги поставуваат оние што сакаат да ги воспитаат своите деца во духот на христијанството.
фото: Стефан РајхлВо време кога вештачката интелигенција и воопшто технологијата се во огромен подем, се чини дека е практично невозможно на децата од мали нозе да им се всади љубовта кон религијата и кон Бога. Но, дали е тоа така – дали постои решение кое ќе нèнасочи за од нашите деца да изградиме пред сèдобри луѓе и христијани кои ќе ја почитуваат религијата.
„Денес, повеќе од кога било, станува јасно дека секој човечки проект лишен од Бога е осуден на сопствениот неуспех.
Иако се надевавме дека 21-виот век ќе го „роди“ супер-човекот, суштество поблиску до совршенството и ослободено од нагонот за зло и војни, сепак, сведоци сме на спротивното: човештвото подивува и се примитивизира во својот егоизам, претворајќи го напредокот во инструмент за доминација“ – вели таа.
Но, како што нагласува, силата на Евангелието е вонвременска и универзална токму затоа што го содржи лекот за овој парадокс.
„Тоа не е само историска книга, или музејски експонат, туку жива реалност, поточно неопходност во 21-виот век.
Да се обидуваме насилно да се вратиме во минатото е лудост. Наместо тоа, повикани сме одговорно да ги прифатиме достигнувањата на нашето време - од паметните уреди до вештачката интелигенција - и мудро да ги вградиме во воспитувањето на нашите деца.
Технологијата е само инструмент, но човечкиот дух е тој што му дава правец и вистинска смисла на секој пронајдок.
Наша задача не е да ги изолираме децата од светот, туку да ги научиме како да владеат со придобивките на модерноста, наместо да бидат поробени од нив. Да чекорат напред, но секогаш со Христа и кон Него“ – нагласува таа.
Со други зборови, ние не треба да ги ограничуваме децата и да ги оградуваме од новите достигнувања, но како родители должни сме да им дадеме насока технологијата да ја користат како алатка, а не како нешто што целосно ќе го окупира нивното време.
РЖМ / Б. С. Б.Фото: Freepik
