Дали тензиите на Косово ќе ја загрозат Македонија?
Претседателот Стево Пендаровски изјави дека евентуални нови тензии на северот на Косово, со исти пропорции, нема да ја загрозат безбедноста на Северна Македонија.
Вели дека сите анализи на домашните но меѓународните релевантни безбедносни структури, покажуваат дека нема да биде разнишан мирот во нашата држава, но и соседните земји. Македонските безбедносни служби будно го следат развојот на настаните во Косово, а оценката е дека таму тензиите одат во надолна линија, вели претседателот. Пендаровски отворено одговори дека идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово и евентуално прекројување на границите е анахрона и припаѓа на 19 век.
„Последен пат таква работа се случувала со поддршка на големите сили пред повеќе од еден век. Прашајте ги Грција и Турција дека ден денес влечат последици од таа размена на луѓе и територии. Не можам да замислам дека може нешто по страшно да се случи ако некој навистина сака да влезе во екзекуција на еден таков проект“, изјави Пендаровски.
Пендаровски како нов врховен командант на вооружените сили, за прв пат го посети Министерството за одбрана и Генералштабот. Таму се сретна со министерката Радмила Шекеринска и началникот Васко Ѓурчиновски. За ситуацијата на Косово и евентуалното влијание врз безбедноста на државата говореше и вицепремиерката. Според неа Македонија наместо да стравува од безбедносна криза реши да делува уште кога новата владејачка гарнитура ја презеде власта, ставајќи го фокусот на зачленувањето во НАТО.
„Токму поради тоа не очекуваме ниту безбедносно влијание директно, ниту влијание врз економските показатели. Затоа што и граѓаните и бизнисот и домашните и странските инвеститори го препознаа членството во НАТО како инструмент да им гарантираме безбедност, и на нивниот капитал и нивните инвестиции“, изјави министерката Шекеринска.
Средбата Шекеринска ја искористи да ја изрази својата поддршка кон Пендаровски и да потврди дека Северна Македонија со него добила вистински врховен командант на вооружените сили.
Пендаровски пак средбата ја искористи да потенцира дека ќе работи на модернизација, усовршување и професионализација на Армијата.
