Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали со тужби може да се спаси животната средина и да се спречи загадувањето?

Дали со тужби може да се спаси животната средина и да се спречи загадувањето?


Македонија се соочува со големи предизвици во заштита на животната средина, имаме градови со енормно загадување на воздухот, а влијанијата од климатските промени може да имаат огромни последици врз земјоделството и повеќе стопански гранки. На хартија политичарите велат дека регулативата е една од подобрите, но досега проблемот е што законите не се спроведуваат, ниту пак големите загадувачи биле ригорозно казнувани.

На Конференцијата за „Зазеленување на однесувањето кон животната средина во Западен Балкан” во организација на Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) се наметна темата дали прво треба да се наметне строга регулатива за заштита на животната средина што ќе доведе до поголема свесност како кај самите граѓани, така и кај институциите и приватниот сектор, или пак преку општествени активности и менување на навиките да се влијае врз начинот на кој се спроведуваат законските норми.

Говорниците од земјата и странство говореа за улогата на невладините организации, граѓанскиот сектор, бизнисот и државата во креирање на одржливи политики за справување со последиците врз животната средина. Решенијата не може да бидат индивидуални, туку мора да се работи заеднички, да се постигне општествен консензус за политиките кои треба да се спроведат и донесената регулатива да се применува во пракса со соодветни санкции за загадувачите.

Доминик Отвеј заменик британски амбасадор во Македонија посочи дека Велика Британија е посветен, амбициозен и ефикасен лидер за климатските промени. Сите ние сме одговорни да ја заштитиме животната средина и да се прилагодиме на последиците што ги гледаме низ целиот свет.

„Мора да размислуваме зелено, нашата мисија во амбасадата е да ја ограничиме употребата на хартија и целосно да ја отстраниме употребата на пластика за една употреба. Во Глазгов ќе се одржи 26-тата конференција за климатски промени КОП на Обединетите нации каде ќе ги претставиме заложбите за заштита на животната средина и борбата со климатските промени. Потребна ни е чиста енергија и одржлива иднина зелени финансиски системи“, истакна Отвеј.

Насер Нуредини министерот за животна средина смета дека решенијата мора да бидат заеднички и одговорноста дека треба да се лоцира и сите кои загадуваат да бидат казнувани.

„Што правиме ние кои сме свесни за овие проблеми како ја пренесуваме пораката до јавноста и како нашите акции имаат последиците на секојдневна основа. Решенијата не се индивидуални, туку мора да работиме заедно. Мора да изградиме општествен консензус кој ќе го вградиме во политиките. Стартувавме проекти за целосна дигитализација на министерството и повеќе да не се користи пластиката за една употреба. Нема сомнежи дека постојат големи индустриски загадувачи, ние ќе бидеме ригорозни и ќе следат инспекциски и санкции бидејќи влијаат врз граѓаните. Ако вашиот сосед загадува мора да го пријавите и тоа не смее да се толерира ако сакаме да градиме одговорност во општеството. Сакам мојот 10 годишен син да плива во езерата, да ги качува планините, а не да скока по купишта од ѓубре кои ние ги оставаме што е наша главна одговорност како родители“ потенцираше Нуредини.

Освен граѓански иницијативи, протести, барања за промена на политики, многу ефикасна борба за заштита на природата е и преку директни тужби против институции пред судовите. Таква пракса е воспоставена во Велика Британија за што говореше Николас Ченг адвокат за животна средина.

„Правото за животна средина се уште не е целосно дефинирано и се формира околу конкретни проблеми како што е загадениот воздух и другите предизвици со животната средина. Во поглед на регулативата секогаш била потребна и политичка волја за изгласување конкретни закони со кои се адресирале проблеми кои се издигнале во заедницата. Велика Британија имаше клучна улога во креирањето на меѓународните конвенции за справување со климатските промени за намалување на емисиите на јаглероден диоксид и поставување на надзорни 

тела. Јавното мислење и науката мора имаат влијание за кревање на свеста за одредени проблеми кои потоа политичарите не ќе можат да ги игнорираат. Во Велика Британија има неверојатни примери на тужби покренати пред судовите од страна на невладиниот сектор против институции за проблеми токму каков што беше смртоносниот загаден воздух кој уби неколку илјади граѓани на Лондон низ годините. Овие примери може да послужат како пополнување на дупките во регулативата кои ќе произлезат од одлуките на самите судови и тоа може да влијае врз нормите и нивно спроведување“ истакна Ченг.

Ива Бонева од Бугарија која е основач на Асоцијацијата за споделено учење ELA говореше за важноста на процесот на образование во формирање на свеста кај младите генерации за зачувување на животната средина. Според Бонева, Бугарија како една од посиромашните држави во ЕУ создаде лош менталитет дека ако си сиромашен тогаш си и помалку одговорен за своите постапки со природата и наведе многу интересен пример.

„ЕУ го сопре финансирањето на изградбата на автопатот Струма поради несоодветна документација за заштита на животната средина. Регулативата во ЕУ е многу ригорозна, таа мора да постои и мора да се спроведува. Тоа што ни недостасува се соодветни програми и имплементација во образовниот процес кога е во прашања заштитата на животната средина“, вели Бонева.

( Х.С.)


Слично

Поврзани вести