ДАЛИ СМЕ СВЕСНИ ШТО ИМАМЕ - Секоја година на Дрисла „гние“ струја за 20 илјади домаќинства
Од овие четири мерки, инвестирањето во постројки за преработка на отпад и за добивање на алтернативно гориво, ќе значеше значителна помош во енергетскава криза. Според податоците до кои може да се дојде во Министерството за животна средина и просторно планирање, секоја година на скопската депонија „Дрисла“ гнијат 61 гигават часа (GWh) електрична енергија. Или, електрична енергија која годишно би задоволила потреби на 20.000 домаќинства.
За да биде појасно, во „Дрисла“, која е единствена легална депонија во државава, годишно се фрлаат скоро 180.000 тони отпад. Од него би можело да се искористат околу 66.000 тони, од кои би се добиле 35.000 тони алтернативно гориво. Ако ова гориво се употреби во термоцентрали, како РЕК Битола, би било доволно да се произведат 61 GWh електрична енергија или 3,2 отсто од производството на оваа централа во 2021 година.
Проценки на Министерството за животна средина за генериран отпад
Алтернативното гориво би заменило 285.000 тони јаглен (лигнит) кој чини просечно по 20 евра по тон од рудниците на РЕК Битола (20 евра е микс од цена од рудниците Суводол и Брод – Гнеотино, при што од едниот рудник лигнитот на влез во печката има цена од 12 евра по тон, а од другиот варира цената од 25 до 28 евра по тон, или околу 5,6 милиони евра, информации кои директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски ги соопшти на брифингот за новинари во текот на декември лани.
Калориска вредност на алтернативно гориво
Алтернативното гориво е со поголема калориска вредност од лигнитот што се користи во РЕК Битола, што значи дека со согорување на помала количина алтернативно гориво, ќе се добие истиот ефект како оној со согорување на лигнитот.
Ако на оваа пресметка се додадат и алтернативното гориво кое би можело да се добие и од другите три региони во државава од 41.411 тони или изразено во електрична енергија 38 GWh, би се добило дека годишно алтернативното гориво произведено во Македонија би заменило 5,3 отсто или половина милион тони јаглен. Во пари, овие 500.000 тони се 10 милиони евра.
Проценки на Министерството за животна средина за генериран отпад
Од Министерството за животна средина имаат појаснувања. Првото е дека во моментов има законска забрана за увоз на алтернативно гориво и за да се смени тоа, ќе треба да поминат измени во Собранието. Ова, досега никој од партиите не го потегнал како прашање. Второто е на прашањето дали јагленот и мазутот се поштетни од алтернативното гориво, велат дека тоа зависи од неколку фактори:
„Зависи, не може да се направи директна корелација, зависи и од квалитетот на јагленот, но првенствено зависи во каква печка се гори алтернативното гориво (на прим. кај цементните печки нема ризик), но за да се користи во термоцентралите потребни се дополнителни инвестиции за да може гасовите на излез да ги задоволуваат максимално дозволените концентрации на одредени гасови“, велат од МЖСПП.
Инаку, според европските практики, на последно место со управувањето со отпадот е негово носење на депонии, а примарно е селектирање, рециклирање и преработка како алтернативно гориво. Еден од корисниците на овој тип горива, скопската цементарница „УСЈЕ“ вели дека со забраната за увоз и немањето домашни капацитети за производство, пред сѐ поради немањето мотивација за инвестиции и лошото управување со отпадот, што се гледа преку тоа што во државава има само една легална депонија, скопска „Дрисла“, 54 општински нестандардни депонии и над 1.000 диви, трпат економски штети. Поради зголемената цена на електричната енергија и неможноста за употреба на алтернативно гориво, вкупната производна цена на цементот во 2022 година е зголемена за 83 отсто.
„Конкурентноста на ‘УСЈЕ’ како на домашниот така и на пазарите во регионот значително се намали, пред сѐ заради фактот дека соседните земји го субвенционираа зголемувањето на цената на електричната енергија за потребите на индустријата“, велат од цементарницата.
