Дали сме со типичен балкански менталитет или стравот е оправдан – психолог ја коментира реакцијата на кумановци за еврејската секта
Откако се дозна дека во кумановската населба Гоце Делчев се вселила еврејска секта, на социјалните мрежи имаше голема поделеност меѓу граѓаните за тоа дали треба да бидеме загрижени поради доаѓањето на овие луѓе или не.
Едни велат дека реагираме како типични балканци и дека не треба да не засега кој како живее и се облекува, а други покажаа загриженост за тоа дали овие луѓе претставуваат опасност за околината, дали се уредно пријавени, дали имаат престој во земјава, од каде потекнуваат и за што се залагаат.
„До одредена мера стравот е оправдан, посебно во вакви услови на пандемија кога сме сите напнати, изолирани, но не треба да се случат напади, и тоа е веќе неоправдано. Одредено влијание има и менталитетот на народот. Има наплив на информации на интернет за групата, но треба да се утврди што од тоа е вистина“, вели психотерапевт од Куманово.
Но, кумановци се со различни мислења. Некои не сакаат да коментираат за еврејската група, а други велат дека биле загрижени.
„Луѓето се многу чудни, и ги оправдувам сите сограѓани кои се загрижени. Си има полиција, и треба да испита кои се тие луѓе, зошто и со каква цел се дојдени. Јас лично имам две празни куќи, но доколку забележам дека се работи за некоја необична група, никогаш не би ги сместил кај мене. Сепак се работи за секта, а доколку се работеше за луѓе кои нормално се облекуваат и се однесуваат, никој не би реагирал“, вели Симе П, од Куманово.
И друга кумановка од населбата Гоце Делчев, објаснува дека сето ова не ѝ се допаѓа и за неа е сомнително.
„Јас дури вчера дознав, и тоа со задоцнување за еврејската група која е дојдена во Куманово. Прво слушнав нешто на вести, а потоа ги видов и фотографиите кои се објавени на социјалните мрежи и можам да кажам дека изгледаат застрашувачки, затоа што се облекуваат необично, мажите имаат бради, долги коси. Секој има право на свој живот, на свој начин на облекување, и тие си се определиле за таков живот, но мене тоа не ми се допаѓа. Јас во никој случај не би го издала станот на луѓе кои се сомнителни. Во секое општество има правила кои мора да се почитуваат“, додава Стојка Ј. од Куманово.
Групата претходно престојувала во повеќе држави и била протерана, а пред да допатуваат во Македонија, престојувале во БиХ. Тие тврдеа дека во Куманово се само на поминување и дека ќе ја напуштат земјата. Негираат дека се вмешани во злоставување на деца. Деновиве граѓани со јајца мавале кон куќата во Куманово каде беа сместени лицата од Лев Тахор, по што со помош на полицијата се дислоцирани во Скопје.
Полицијата соопшти дека во групата има aмерикански, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, тие имаат легални патни исправи и имаат одобрен престој во Македонија.
Сања Атанасовска