Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали СДСМ „залута“ во мигрантската приказна и имаме ли причини за страв?

Дали СДСМ „залута“ во мигрантската приказна и имаме ли причини за страв?

Ретко кој би поверувал дека СДСМ еден ден ќе води антимигрантска реторика базирана на создавање паника кај населението за наводен „наплив“ на нелегални мигранти и засилување на ксенофобијата, односно користење на реторичкото оружје кое примарно било секогаш резервирано за десницата, односно за владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ сака да покаже „мобилизираност“, односно дека по вториот катастрофален изборен пораз и по оставките на целокупното партиско раководство освен на лидерот Венко Филипче, конечно ги „засукува ракавите“ во пресметката со власта. Сепак, се чини дека опозицијата како да залута во оваа приказна со мигрантите и заканата за „националната безбедност“.

Засега, освен шпекулации на неколку британски медиуми, нема никаква официјална потврда за можен договор меѓу Македонија и Велика Британија за изградба на кампови или хабови за нелегални мигранти, односно за баратели на азил кои биле одбиени од британските власти да бидат испорачани на македонско тло.

Таквите наводи остро ги негираше премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата во чии основни темелни вредности е прашањето за борбата со нелегалната миграција. Тој дополни и дека границите на Македонија ќе бидат засилени со нов проект „Safe Country“налик на проектот за надзор во сообраќајот „Safe City“.

Да биде иронијата поголема токму активисти на СДСМ кои во периодот на мигрантската криза пред десетина година беа најжестоки критичари на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ за „нехуман третман“ на мигрантите и кои бараа поголеми права за тие кои транзитираат или бараат престој во Македонија, сега се всушност најгласни во ширењето на ксенофобија и паника.

Сомнежните за можни тајни преговори на Владата предводена од Мицкоски со британскиот премиер Кир Стармер произлегуваат од потпишувањето на Стратешкиот договор за соработка и инвестиции кој се однесува пред се на изградба на значајни инфраструктурни проекти, а во дел и на соработка во одбраната и безбедноста.

Исто така се пласира тезата дека кој е вистинскиот интерес на Велика Британија да биде гарантор на околу 6 милијарди евра од рамковната спогодба со Македонија за поволни кредити во проекти како брзата пруга, освен ако немаат некој „затскриен“ интерес за кој се уште не е информирана јавноста.

Сепак, не треба да се потцени ниту потребата на Велика Британија и стратешките партнери од брз транзитен трговски и енергетски коридор од југ кон север кој ќе го забрза пристапот до пристаништата во Егејското Море и цевководите за гас и нафта. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести