Дали поранешниот шеф на Телеком ќе го оправи здравството?
Владата го разреши досегашниот директор Сашо Стефановски во Фондот за здравствено осигурување и на негово место го назначи Ден Дончев.
„За вршител на должноста директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија се именува Данаил Дончев“ - информираа денеска од Владата преку соопштение.
Дончев е роден во 1966 година во Ново Село, Струмица. Тој е магистер по економски науки.

Дончев е поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Дончев беше и генерален секретар на партијата откога нејзин лидер стана Никола Груевски во 2003 година.
Подоцна, Дончев се разиде со Груевски и му се приклучи на Љубе Бошкоски во Обединети за Македонија, а на последните избори беше носител на пратеничката листа на коалицијата на „ВМРО за Македонија“ составена од ОМ, ВМРО-НП и Достоинство во ИЕ 1.
Дончев и поранешен директор на Телеком. Во 2014 година, Зоран Заев на судењето по тужбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за клевета за обелоденување на корупциската афера при продажбата на Македонска банка, кажа дека снимките на кои се слуша дека се договара исплата од 1,5 милиони евра во кеш при продажба на банката му ги дал токму Ден Дончев.ВО КАМПАЊАТА ИМАШЕ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ГРУЕВСКИ
За време на кампањата минатата година, Дончев имаше низа забелешки за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Иселувањето на младите е резултат на погубните политики, велеше тогаш.
„Како да зборуваме за проблемот на напуштањето на просторите на малите и неразвиени општини и мерки за рамномерен развој, кога се празнат и најголемите и најбогати општини. Време е да кажеме стоп за иселувањата“ - изјавил Дончев во декември 2016 година на средба со граѓани во скопските општини Аеродром и Кисела Вода.
Тој потенцираше дека мора да се запрат непродуктивните трошења и инвестирањето во споменици.
„Мора веднаш да запре инвестирањето во споменици за да се задоволи егото на политичарот кој решил со туѓи пари да остави сопствен белег за наредниот милениум и да се преземат мерки за заштита на здравјето на граѓаните“ - изјави тогаш Дончев.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партијата која пред 26 години беше предводник на демократизацијата на Македонија и борбата против едноумието и тоталитаризмот.
„Жално и трагично е што последниве неколку години токму ВМРО-ДПМНЕ влезе во тоталитаризам“ - изјави тој во интервју за Фактор на јуни минатата година.
Тој во истото интервју рече дека темелните вредности кои беа сржта на идејата и идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите, се тотално згазени.
