Дали ќе се забрани Тик Ток кај нас?
Неизвесно е дали ќе се забрани Тик Ток кај нас.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вели дека конечен став околу иницијативата за забрана на социјалната мрежа Тик Ток во Македонија ќе има само по координирана активност со правосудните институции и со останатите образовни и безбедносни институции.
Алиу попладнево во пишана изјава изрази длабоко жалење и сочувство до семејствата на настраданите и граѓаните на соседна Србија.
„Цензурата е регулирана со Уставот на Република Македонија. Така што, конечен став околу таква мерка, може да следи само по координирана активност со правосудните институции и со останатите образовни и безбедносни институции во државата. Оттаму ја поддржуваме иницијативата на МОН за евалуација на ризиците од сите социјални платформи. МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство“, вели Алиу.
Потребно е, како што вели да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Од МИОА апелираат за зголемување на свесноста за социјалните платформи на наставно образовниот кадар и кај родителите. Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радио концесионери да продуцираат содржина со образовно воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со позитивни содржини.
Во Франција, влезот на социјалните платформи, како што се Инстаграм, ТикТок или Снепчет ќе биде блокиран за деца под 15 години, освен ако тоа не им го дозволат нивните родители.
