Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дали има патници кои се „шверцуваат“ во возовите низ Македонија?

Дали има патници кои се „шверцуваат“ во возовите низ Македонија?

Во земјава се случува во возовите да има патници кои се возат без билет, но тоа не е честа појава.

Од Железници Транспорт објаснуваат дека најчесто поради немање на пари или други лични причини, дел од патниците се возат без билет.  Оттаму велат дека доколку откријат патник кој нема билет, тој ќе биде казнет и тоа може да се случи само еднаш.  Од Железници преземаат мерки со цел да ги дестимулираат патниците да го користат железничкиот превоз, а притоа да избегнат да платат.

„ЖРСМ Транспорт АД Скопје работи во насока на информирање на патниците за условите и начинот на обезбедување на возен билет. Патувањето во воз без билет не е редовна појава. Да, има патници кои понекогаш поради одредени причини (лични, немање на пари, предизвик кај млади лица, навремено доаѓање на благајна и сл.), пробуваат да се возат без билет, но тоа кај нив може да се случи само еднаш затоа што железницата во вакви случаеви наплатува дополнителен додаток за „пријавен“ и „непријавен патник“, начин со кој се демотивираат патниците. Одредени случаеви кои возопридружниот персонал и контролорите не можат да ги решат во воз, се решаваат со помош на полициска интервенција. Тоа во принцип се неколку интервенции на годишно ниво“, велат од Железници.

Додаваат дека издавањето на возни билети во железницата во споредба со останатите видови на превоз има одредени сличности, но и одредени разлики. Разликите се тие кои железницата ја прават специфична во своето работење. Начинот на издавање на билети е точно дефиниран и истиот на различни начини (информации, благајни, кдк во воз веб страна и сл.) е достапен за корисниците на превозот.

„Возен билет за одредена релација за секој воз може да се набави на патничка благајна во секоја станица каде тоа е овозможено. Нашите возови се редовни патнички возови кои овозможуваат нивно користење не само за патниците од поголемите населени места (каде има благајни), туку и за корисниците од  помалите населени места каде тие возови поминуваат. Во овие станици и стојалишта, најчесто нема персонал кој е задолжен да издава билети, така што патниците кои се качуваат на овие места, во принцип се качуваат без билет. Но, она што секоја железничка управа го практикува, и не е новина, е дека издаваме возни билети и во воз. Односно патникот може да си купи билет кај железничкиот персонал (кондуктер) во возот за релацијата на која патува. ЖРСМ Транспорт АД Скопје, Патнички сообраќај во сите возови има доволен број на персонал задолжен за проверка на билетите кои патниците ги поседуваат и за продажба, односно издавање на билети за патниците кои не набавиле, или немаат возен билет во воз. Покрај ова, согласно регулативата ЖРСМ Транспорт АД Скопје преку своите служби, врши редовни и вонредни контроли на работењето на  возопридружниот персонал во возовите, а за утврдените неправилности се преземаат соодветни мерки кај персоналот кај кои се утврдени“, додаваат од Железници. 

Лани од квартал на квартал растел бројот на патници во возовите. Ако ги погледнеме податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во четвртото  тримесечје од 2022 година, во железничкиот превоз имало 131 илјада патници.  Во третото тромесечје лани во возовите имало 108 илјади патници. Еден квартал претходно имало 105 илјади патници во македонските возови. Во првиот квартал лани имало само 61 илјада патници во железничкиот сообраќај. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести