Дали и возачи со странски таблички ќе бидат опфатени со „Безбеден град“?
Возачите кои транзитираат низ Македонија наскоро ќе бидат опфатени со системот „Безбеден град“, а казни за сообраќајни прекршоци ќе добиваат и странските државјани, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој, заедно со српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, денеска на граничниот премин Табановце ја промовираше кампањата „Вози одморен“, пренесе МИА.
Тошковски упати апел до сите возачи што транзитираат по Коридорите 8 и 10 да ги почитуваат сообраќајните правила, нагласувајќи дека камерите од системот „Безбеден град“ веќе функционираат и ги евидентираат прекршоците.
„Наскоро ќе бидете сведоци на целосната имплементација на вториот чекор, кој се однесува на доставување на казните и за возачите со странски регистарски таблички. Затоа апелирам сите што патуваат низ Македонија да ги почитуваат правилата, бидејќи прекршоците ќе бидат евидентирани и санкционирани“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека системот ќе важи подеднакво за домашните и за странските возачи и додаде дека надлежните веќе работат на модел за доставување на казните до возачи од Македонија, Србија, земјите од Европската Унија и други држави.
Системот почна да функционира оваа година со цел да се намалат жртвите во сообраќајот.