Дали „Грета Тунберг од Мала Речица“ е иднината на ДУИ?
Докторот за политика Али Ахмети повторно маестрално покажа зошто цели 20 години е на власт. Новата „зелена“ доктрина на ДУИ која беше најавувана со денови, небаре на школка во Парк беше претставен новиот iPhone, ја демонстрираше маестралната способност на стариот лисец. Се додека ДУИ го има Ахмети на кормилото ќе нема зима за оваа партија, а тоа очигледно се повеќе ќе го воочуваат и опозициските албански партии кои со години се надеваат на албанска политичка пролет.
Ахмети кој е евергрин во политиката, овој пат јасно ја продолжи најавената стратегија од која се откажа во последен момент на изминатите избори. Ако тогаш се „шушкаше“ дека ДУИ ќе истрча со граѓански концепт со кој ќе им се спротистави на изразито националистичките Алијанса, Алтернатива и БЕСА, сега недвосмислено го изигра гамбитот кој ги остави во небрано неговите политички непријатели.
„Pse jo“ беше последната генерална проба на Ахмети со идејата Албанец за премиер, која да потсетиме и ја усвои со политички договор, односно во последните 100 дена пред парламентарните избори, местото на Заев би го земал премиер етнички Албанец. Сега, нема потреба ниту простор за нови „етнички“ победи, а такви нема да освојуваат ниту опозициските албански партии, ниту пак да имаат таков вид на муниција против Ахмети.
Зелената агенда барем засега на прва, делува и по малку комично и навредливо од партија која ја води локалната самоуправа во Струга, Сарај, Чаир и Тетово, општини кои се истакнаа со дивоградби во заштитени природни подрачја, по рекордната загаденост, несправување со отпадот и комуналните проблеми.
Дали навистина Мерко или Арифи може да бидат перјаници на климатски свесната ДУИ која сега ќе работи на спас на животната средина? Најверојатно не. Најверојатно и овие кадри не би имало никаква логика ако повторно добијат партиска номинација да истрчаат на есенските локални избори.
Но, ајде доволно е за „Грета Тунберг од Мала Речица“, таквата идеолошка поставеност допрва ќе се оценува и анализира дали е реална или само добро осмислен блеф и скап политички ПР трик.
Тоа што е многу поважно за интегративците е менувањето на реториката и прифаќањето на граѓанскиот концепт. Ако СДСМ повеќе не е „македонска“ партија, тогаш ниту ДУИ повеќе не е ексклузивно „албанска“ партија.
Ахмети кој го достигнува својот зенит го исполни тоа што го започна како идеја уште во 2001 година. Тој е знаменосецот на албанските и етничките права во Македонија. А, богами тој е и победникот кој сите национални барања на Албанците ги преточи во уставни, институционални и општествени норми. Ахмети ја затвори темата за рамноправноста на Албанците, за официјализирањето на албанскиот јазик, за правичната застапеност и втемелување на албанското ткиво како државотворно, односно неизбежно во новата македонска национална матрица.
Уште сега може да се предвиди како ќе се одвива една дебата меѓу кадрите на ДУИ и било која друга албанска партија. Интегративците ќе говорат за Европскиот зелен договор, за борбата со климатските промени, за зелена економија и подобрување на животот на граѓаните. А, од друга страна ќе имаат противници кои ќе „плачат“ за албанската кауза, но напразно бидејќи сите вакви битки веќе ги доби Ахмети.
Ако се обидеме да го надминеме сегашниот момент, актуелните шеги од типот на „од маскирно зелено, до еко зелено“ и мајтапењето со настапот на 5 јуни, Ахмети создаде услови за опстанок на ДУИ со јасен пат на трансформација на партијата која и долго по него ќе има можност да биде фактор на одлучување и прифатлив, па дури и префирабирален партнер на меѓународната заедница.
Опозицијата, и македонска и албанска треба добро да се замисли како сега ќе му се спротистави на ДУИ, но земено по првичните изјави и истата ретроградна, неконструктивна и конфликтна реторика како да сакаат да останат на политичката „депонија“.
Христијан Станоевиќ